Книжевник кој во 1586 година препишувал Четвороевангелие во селото Длабочица на Скопска Црна Гора, Кумановско. Врз ракописот оставил повеќе записи, во кои дава податоци дека ракописот го пишувал за поп Марко во село Кожинце, во храмот „Св. Никола“ во село Длабочица, кај гората наречена „Црна Гора“. Како место на пишување на ракописот се определува денешното село Длабочица, во Кумановскиот регион, област која некогаш се наоѓала во состав на средновековното Жеглигово, што ја опфаќало и Скопска Црна Гора, помеѓу Скопје и Куманово. На кумановското подрачје упатуваат и јазичните особености на записот, коишто го одразуваат народниот јазик и дијалектолошки го врзуваат авторот на ракописот токму за овој јазичен регион. Топонимот „Кожинце“ од записот наверојатно е село кое И. С. Јастребов го идентификува со Кожинце (Гошинце) во непосредна близина на Куманово. Досега беше неизвесна судбината на самиот ракопис, бидејќи беше познат само зачуваниот лист (фрагмент) од ракописот со записот (Софија, НБ – БИА II A7460 = поранешна инв. сигн. бр. 1352/10). И. Велев со детална палеографска споредба утврди дека фрагментот е дел од Ракописното четвроевангелие што денес се наоѓа во Софија, ЦИАИ бр. 574, во на л. 124а кое се содржи уште еден запис од книжевникот Петар. Содржината на ракописот ја одразува полната текстуална редакција на четвороевангелијата, проследена со предговор на толкувањата на Теофилакт Охридски. Ракописот е украсен со богата илуминација на заставки, лигатурни наслови и почетни иницијални букви, а самите содржини на секое од четирите евангелија се со раскошно насликани илуминации, со извонредно лигатурно писмо. Тоа открива дека се работи за вешт илуминатор и добар краснописец. Самиот пишувач на ракописот вели дека Евангелието го завршил по Воскресението Христово во Светлиот четврток кој бил на 20-ти април и тоа во годините 1536 или во 1587. Со палеографска анализа 1586 г. попрецизно се зема како временски период кога Петар го завршил препишувањето на Евангелието. Пишувачот Петар во записот дава уште еден податок за времето кога пишувал, истакнувајќи дека во тој дел од Македонија беснеела болеста чума што ги „жнеела луѓето како пченица“. Умешноста на Петар на зборовите да им дава метафорички облици, упатува дека се работи за опитен творец со книжевна образованост, а притоа и вешт илуминатор со извонредна дарба. Врз ракопиот постојат уште записи што ја детерминираат неговата натамошна судбина. Записот од 1658 година информира дека Четвороевангелито било купено од страна на поп Димитар од некојси Андреј. Понатаму записот од 1678 г. укажува дека потоа ракописот го купил некој поп Никола од непознат дијак и го доставил во Забелскиот манастир „Воведение на Св. Богородица“, каде што се чувал сѐ до почетокот на XX век. Од неговата манастирска библиотека, или од Скопската митрополија го земал егзархискиот владика Неофит и го однел во Софија, во ЦИАИ каде што и денес се чува. (М. Ј.-Т.)