За нас

Проектен период: ноември 2021-октомври 2023

Поддржано од Министерствотоза образование и наука на РСМ

 

Мисија

 
Проектот Македонска книжевна енциклопедија (автори и дела) на Институтот за македонска литература е замислен како електронско издание кое покрива одредници поврзани со македонската книжевност. Во рамките на првиот проектен период, се предвиде изготвување два типа одредници: автори и дела (поезија, проза и драма), коишто го покриваат периодот од IX – XXI век на развојот на македонската книжевност, како и нивно сукцесивно слободно достапно поставување во облик на е-енциклопедија на мрежатата. Се појде од претпоставката дека неговата реализација како е-издание истовремено ќе исполни две важни цели: 1. ќе го надомести отсуството на општа македонска книжевна енциклопедија воопшто и 2. ќе го оприсутни/ направи видливо на глобaлната мрежа присуството на македонскиот книжевен наратив и неговиот вековен развој.

Комплексноста на еден ваков широк истражувачки зафат исто така одеше во прилог на изборот на електронско издание, коешто постојано може да биде надградувано и подобрувано, та определениот проектен период беше појмен како прва фаза, дефинирана како автори и дела (поезија, проза, драма), а која се планира да биде надополнувана и натаму и со авторски имиња и дела, меѓу кои во иднина можат да бидат вброени и дела од поширокиот спектар на жанровското разнообразие на македонската книжевност, но и со други книжевни поими: периодизациски, поетички, книжевни списанија, книжевно-критички и други.

 

Визија

Одредницата авторско име во рамките на оваа книжевна енциклопедија, помалку е сосредоточена врз податоците што го мапираат животот на авторот. Попрво, таа настојува да ја осветли книжевната актива на авторот односно одликите на неговото авторско писмо, неговата иманентна поетика, што дополнително, најчесто е илустрирана и со одредница посветена на конкретно дело на авторот. Секоја авторска одредница е проследена со релевантна литература којашто упатува на натамошно истражување на опусот на авторот, како што и во секоја одредница за книжевно дело се упатува на значајни извори кои водат кон попродлабочено истражување на конкретното книжевно дело и неговата рецепција во текот на времето. Целта на вака замислениот проект е на учениците и студентите, домашни и странски, како и на љубителите на македонската книжевност воопшто, да им ги направи достапни информациите за вековниот развој на македонската книжевност и да ги упати на релевантни извори за натамошно истражување.

Треба да се нагласи дека ова е проект во континуитет, проект кој ќе се надоградува во иднина. Секоја Енциклопедија е ограничена, секоја енциклопедија носи ризик од пропуштени одредници и процеси. Затоа, Редакцијата е отворена за сугестии и насоки

 

 

ИМЛ

Институтот за македонска литература – Скопје е јавна научна установа која остварува научноистражувачка дејност и високообразовна дејност на студии од втор и трет циклус, во областа на историјата и теоријата на македонската литература и култура, современите книжевни и културни процеси и нивните врски и влијанија со другите литератури и култури.
Основач на Институтот е Владата на Република Северна Македонија.

 

Дејноста на Институтот за македонска литература во Скопје се остварува согласно Законот за научно-истражувачката дејност („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 46/08, 103/08, 24/11, 80/12, 24/13, 147/13, 41/14, 145/15, 154/15, 30/16, 53/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/20 и 163/2021). Согласно овој Закон, дејноста на Институтот е од висок стратешки и национален интерес за РС Македонија, затоа што опфаќа научни истражувања од областа на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ и припадниците на заедниците, кои живеат во РС Македонија.
Институтот, својата дејност ја остварува како членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

 

Во своето тридецениско работење, следејќи ги националните интереси и современите достигнувања на полето на науката за книжевноста, Институтот помина низ повеќе развојни периоди, кои се поврзани со напредувањето на кадровскиот потенцијал, со реализацијата на современи студиски програми за магистерски и докторски студии во областа на културолошките студии и македонската книжевност, со развојот на издавачката дејност, како и со организирањето значајни научни собири и воспоставувањето меѓународна соработка со сродни научни и високообразовни центри во регионот и пошироко.
Во 2021 година се одбележаа 40 години од основањето на Институтот за македонска литература-Скопје (1981).