Истакнат книжевен деец, илуминатор и хроничар. Најверојатно, своето родно место Кратово го напуштил по Турско-австриската војна во 1689 година во правец на Австроунгарија, при иселување на христијанското население од Македонија и Косово поради можните реперкусии од турските власти. Преселбата ја предводел пеќскиот патријарх Арсениј III Црнојевиќ (1674 – 1690). Велко Попович се населил во Будимпешта каде што ја продолжил својата книжевна дејност, пренесувајќи ги на тоа тло традициите на Кратовската книжевна школа. Во 1706 година учествувал во поворката при спроводот на посмртните останки на српскиот патријарх Арсениј III од Будим до манастирот Крушедол, за што самиот тој дава информација преку запис. Во Срем бил назначен во презвитерски чин од тамошниот митрополит Стефан. Тука, во Сремската епархија, најверојатно останал да работи како парохијски свештеник. Ваквата претпоставка се гради врз основа на еден запис оставен врз печатен Нов завет, пронајден во село Чаѓавица, Околија Вировитичка. Записот го содржи точниот датум на неговата смрт – 2 јануари 1738 година, забележан од еден од неговите синови.
Велко Попович своите книжевни остварувања ги реализирал во Будим. Тој, на книжевно поле, најверојатно бил активен уште во Македонија, пред да замине во Австроунгарија и Срем. Во 1704 година во Будим пишува Зборник, кој прво се чувал во манастирот Врдник (Раваница) во Срем, а денес е во Патријаршиската библиотека во Белград, под бр. 36. Ракописот (181 л.). Пишуван е со прекрасно брзописно писмо и украсен со знаменца и иницијали што упатуваат на усовршена калиграфска школа. На долните маргани од л.17а до л.33а, оставил подолг запис во кој дава податоци за местото и годината на настанување на ракописот. Ракописот содржи „Сказане за буквите“ од Константин Костенечки, избор од „родослов“ на српските владетели, извадок од хрониката на Георги Бранковиќ, како и посланија, сингелии, епистолии како обрасци на епистоларната литература застапувани во зборниците од овој период. Интересно е што сосема ист извадок од историско-летописниот состав застапен во ракописот ПБ 36 (од л. 88б до л.98), што е посветен на Георги Бранковиќ е поместен и во зборник со мешана содржина, кој денес се чува во ракописната збирка на Патријаршиската библиотека во Белград под бр.175, што датира од XVIII век (таму – од л. 35 до л. 42). Дуктусот на текстот на хроничарскиот извадок во голема мера наликува на ракописот на Велко Попович, поради што можна е претпоставката дека тој земал учество во испишувањето на дел од содржината на овој зборник, особено ако се земе предвид дека ракописот се наоѓал во манастирот Крушедол. Ракописот ПБ бр.175 во својот состав главно вклучува историско-летописни содржини, делови од хроники и родослови и сл. Во науката се коментира и за постоењето на уште еден ракопис на Велко Попович, што се чувал во манастирот Гргетек на Фрушка Гора, а денес не се знае каде е. Податокот се базира врз основа на записите што ги објави Љ. Стојановиќ, каде што тој потенцира два ракописа на Велко Попович, едниот од манастирот Врдника, а вториот ракопис од манастирот Гргетек. Се работи за речиси идентични записи, само што во вториот случај (Гргетек) записот е многу поопширен и токму тука Велко Попович информира за смртта на патријархот Арсениј III. Во науката е познат уште еден ракопис што се доведува во врска со Велко Попович. Се работи за Зборник кој денес се чува во Прага, Народен музеј, сигн. бр. IX Н 16 (Ш 19). Врз него оставил запис од 1704 година во Будим. Можно е Велко Попович само да се потпишал врз ракописот, а можно е да учествувал и во испишувањето на дел од неговата содржина. Ракописот потекнува од 1646 година, што е истакнато во записот на л. 90а и содржи повеќе летописни состави, Номоканон, мудри изреки од „Пчела“, поучителни слова, апокрифни раскази, физиолог, повести и сл. (М. Ј.-Т.)