ВЕЛИКОВ – БЕЛОМОРСКИ, АНТОН (Драгостин, Неврокопско, Благоевградска област, 13.V 1912 – 5.V 1975, Софија), прозаист, новинар, публицист. Неговата автобиографија Страници од мојата биографија, претставува драгоцено сведоштво не само за неговиот живот туку и за дејноста на Македонскиот литературен кружок во Софија.
Роден во село Драгостин, Неврокопско, Бугарија, во земјоделско семејство, кое се населува таму бегајќи од Серско, Егејска Македонија (оттаму и неговиот псевдоним Беломорски). Семејството не може да му овозможи да го продолжи образованието во гимназија, и тој оди во Софија каде работи во печатницата „Стопанско развитие“. Во тој период станува член на Македонското младинско културно-просветно друштво „Пејо Јаворов“. Во 1932 година во Горна Џумаја се одржува конгрес на македонските младински културно-просветни организации од цела Бугарија, при што започнува неговото пријателство со Никола Ј. Вапцаров. Во 1933 година оди во морнарица во Военото училиште во Варна, но поради нарушено здравје се враќа во Софија следната година. Станува дел од ВМРО (Обединета), и во 1935 година ја организира илегалната печатница која го издава весникот „Македонска револуција“, орган на Централниот комитет на организацијата. Полицијата влегува во трага на организацијата, и по апсењето на неколку членови, дејноста на печатницата замира. Во 1938 година станува член на Македонскиот литературен кружок, во кој останува сѐ до неговото згаснување во 1942 година. Поради објавување на комунистичкото гласило „Младешка искра“, затворен е во 1941 година. По завршувањето на Втората светска војна, заедно со Михаил Сматракалев, Кирил Николов и Ѓорѓи Абаџиев, го основа Македонскиот литературен кружок „Никола Вапцаров“, и учествува во уредувањето на списанијата „Македонска мисла“ и „Македонско знаме“. Кружокот и списанијата опстојуваат до 1947 година. Во 1948 година станува дописник од Димитровград за весникот „Труд“. Во 1950 година се враќа во Софија и работи како новинар во „Труд“. Истата година, со Михаил Сматракалев уште еднаш основаат Македонски литературен кружок, кој згаснува веќе следната година. Во 1958 година Антон Великов добива боречка пензија. Бил одликуван со признанието „Активен борец против фашизмот и капитализмот“.
Првите раскази Антон Великов – Беломорски ги објавува во 1937 година, една година откако станува член на литературниот кружок „Христо Ботев“. Тоа се расказите „Крваво утро“ и „Бонанимо“, кои се печатени во литературниот зборник „Први бразди“. Истата година во зборникот Гоцев лист 1903 – 1937 е застапен со расказот „Гробот крај патот“, кој го потпишува со псевдонимот Алекси Беломорски. Во 1938 година го објавува расказот „Малечкиот херој“ во литературниот зборник Илинден 1903, чиј приредувач е Митко Зафировски. Во 1946 г. го објавува расказот „За родината“ во сп. „Македонска мисла“, и во 1947 г. расказот „Под родната стреа“ во сп. „Отечествен фронт“. По неколку години Антон Великов престанува да пишува проза, но повторно се навраќа на неа две децении подоцна, кога од 1970 до 1972 се посветува на испишувањето на својата автобиографија, насловена Страници од мојата биографија, која останува необјавена уште долго по неговата смрт, сѐ до 1997 година кога е публикувана во Македонија, а една година подоцна објавен е и избор од неговата проза, под наслов Под родната стреа. Пишувајќи за прозаистичкиот опус на Антон Великов – Беломорски, Васил Тоциновски забележува: „Историјата како непресушен творечки извор во белетристиката на Великов е преточена низ речиси сите историски премрежија на македонската опстојба, од епопејата на Илинден, Балканските војни, Првата и Втората светска војна до првите денови на слободата и социјалистичката изградба. Така низ една нагласена документаристичка постапка, низ децидно именување на времето, настанот и личностите, страниците од овие раскази прераснуваат во една можна и своевидна читанка за Македонија“ (Тоциновски 1997: 252-253). (Г. С.)