Студирал на Правниот факултет во Скопје. Работел како новинар и уредник во Радио Скопје и Македонското Радио. Бил главен уредник на литературното сп. „Разгледи“ од 1972 до 1977 година. Бил член на Македонскиот ПЕН центар и член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Петар Т. Бошковски своите први песни ги објавува во 1954 година, а неговата прва стихозбирка Суводолица (1962) е дело на зрел поет со веќе формирана поетика. Напишани во слободен стих, во песните од синхроно егзистираат руралниот амбиент и митските слики и појави. Осврнувајќи се на ова својство на поезијата на Бошковски, Влада Урошевиќ констатира: „Тој резок премин, тоа двојство што постои во оваа поезија меѓу земното и неземното, тој лесен судир меѓу тие два елемента, ја прави основната привлечност на оваа поезија.“ (Урошевиќ 1969: 551). Во својата следна стихозбирка, Постела од трње (1970), Бошковски ја користи формата на сонетот. Тој во песните од ова дело се свртува кон темната страна на митските претстави и фолклорот, и така доловува апокалиптични визии преку кои метафорично проговорува за човековото постоење во современиот свет. Песните од стихозбирката Небесен камен (1985) се лирски рефлексии за врската меѓу макрокосмосот и микрокосмосот, за односите помеѓу природата и индивидуалното постоење. И во своите следни стихозбирки, Бел ветер, Вториот источен грев и Критична точка, Бошковски продолжува своите поетски слики да ги црпе од фолклорот и митските претстави, и преку нив, низ нивно поврзување со искуствата на лирскиот субјект, да ја доловува метафизичката страна на човечката егзистенција.
Иако пред сè поет, Петар Т. Бошковски во последната фаза од својот творечки пат се остварува и како романсиер. Во своите романи, кои најчесто можат да се определат како историска фикција, тој темите ги наоѓа во минатото на македонскиот народ. Дејствието на романот Црниот бик (1995) се одвива во времето на присилната колективизација и Информбирото, додека пак во Никаде место (1996), низ неколку индивидуални судбини, тематизирана е борбата за македонска национална самобитност меѓу двете светски војни.
Бошковски е автор и на драмскиот текст Александар на Исток (1994), во кој драмското дејство е структурирано околу заговорите кои против Александар Македонски ги прават дел од неговите соработници во 328 г. п.н.е.
Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци “ за стихозбирката Постела од трње во 1970 година, како и на „13 Ноември“, „Книжевно жезло“, „Стале Попов“, „Ацо Шопов“, „Димитар Митрев“, „11 Октомври“, „Григор Прличев“. (Г. С.)