Основното образование го стекнал во Лазарополе, а гимназија учел во Охрид и во Скопје. Дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје, на кој подоцна и докторира. Бил уредник во книгоиздателствата „Кочо Рацин“ и „Детска радост“, уредник во ТВ Скопје, директор на Драмата при МНТ, и научен советник во Институтот за национална историја. Бил уредник на сп. „Современост“. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, чиј член станал во 1953 година.
Првите збирки раскази на Дракул, Планината и далечините (1953) и Витли во поројот (1956) се фокусираат на животот на селаните и печалбарите, низ еден современ раскажувачки израз, а едновремено и близок и инспириран од фолклорот, што некои критичари ќе го дефинираат како “оплеменето народно творештво“ (Бошковски 1966: 199). Неговиот прв роман, И ѕвездите паѓаат сами (1957),е социјално - психолошко портретирање на неколку невообичаени човечки судбини поврзани преку вклученоста во народноослободителниот отпор во времето на окупацијата. Централно место во творечкиот опус на Дракул има романот Белата долина (1962), кој од критиката е вреднуван како негово најзначајно дело. Во него, низ ликот на Змејко и неговата етичка побуна, која својот фундамент го има во неговите хуманистички идеали, авторот ги отвора прашањата за општествената свест и моралните вистини. Трилогијата Буни (Меч, Исихија, Клада) (1980) е временски ситуирана во средниот век, а дејството е сосредоточено пред сѐ на буните од тој период и на богомилското движење. Овој драмско - прозен триптих обединува ликови кои се инспирирани од историски личности (Петар Делјан, Добромир Срез, Алексеј Комнен, Сава), и такви кои се фикционални (Лариса, Еленко, Иван Јастребот, Константин Грнчарот, Иван Јастребот), кои низ своето делување и размисли ги инкарнираат темите на трајноста и транзиторноста, на возвишеното и благородното, од една, и ниското и подмолното од друга страна.
Автор е на сценаријата на играните филмови До победата и по неа (1966), Време без војна (1968), Цената на градот (1970), Македонска сага (1994).
Добитник е на наградите: „13 Ноември“ (за книгата раскази Планината и далечините), „Рациново признание“ (за романот Жедна месечина), „Златна арена“ во Пула (за сценариото на играниот филм До победата и по неа), „Сребрена арена“ во Пула (за сценариото на играниот филм Време без војна). (Г. С.)