Основното образование го оформил во Скадар, Албанија, каде татко му бил печалбар. Гимназија завршил во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но заради започнувањето на Втората светска војна ги прекинал студиите. Земал активно учество во Народноослободителната борба, во чиј тек создава повеќе револуционерни и борбени песни, меѓу кои и „Денес над Македонија се раѓа“, која подоцна станува македонска национална химна. Во 1944 и 1945 година учествува во работата на комисиите за македонски јазик и правопис. По ослободувањето извршува значајни културно – општествени функции: бил прв директор на Радио Скопје, директор на Институтот за фолклор во Скопје, главен уредник на весникот „Остен“, како и на литературните сп. „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1947 година. Бил член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија, а подоцна и амбасадор на СФРЈ во Либан, Етиопија и Полска.
Владо Малески својот прв расказ “Селанката од Копачка“ го објавува во првиот број на првото македонско литературно сп. „Нов ден“, во октомври 1945 година. Со своите две збирки раскази, Ѓурѓина алова (1950) и Бранувања (1953), ја најавува тематската преокупација која ќе биде доминантна во неговото творештво: народноослободителната борба во текот на Втората светска војна. Осврнувајќи се на расказите на Малески, Милан Ѓурчинов ја потенцира способноста на авторот „да ги избегне стапиците на шематизмот и да му се спротивстави на владејачкиот книжевен нормативизам. Малески тоа го постигнува со проникливост и деликатен третман на човечките судбини, со богатиот релјеф и свежината на изворниот јазик, со понесеноста и замавот на прикажувањето на човечките односи и ситуации.“ Вреднувајќи ги збирките раскази Ѓурѓина алова и Бранувања, Ѓурчинов оценува дека станува збор за „најдобрите остварувања на најраниот период од развојот на современата македонска проза.“ (Ѓурчинов 1999: 19). Со својот прв роман Она што беше небо (1958), Малески ја продолжува тенденцијата изразена во неговиот расказ „Насмеан ден“ (1954) за преструктуирање на својата прозна поетика, и со тоа неговото прозно творештво добива модернистички одлики. Овој пресврт е најавен во есеите, огледите и полемиките кои ги објавува во периодиката во текот на работата на ова дело, а кои подоцна стануваат дел од неговата книга Разгледи (1976). Романот Она што беше небо е вкоренет во искуствата кои Малески ги има како партизан на Првата македонско – косовска бригада во Февруарскиот поход во 1944 година. Влијанието на тогаш актуелните книжевни текови на светската литература врз творештвото на Малески, ги доведува во средиштето на ова книжевно остварување прашањата кои им се блиски и на француските егзистенцијалисти, за што пишува Нада Петковска во „Егзистенцијализмот во романот Она што беше небо од Владо Малески“, која во делото ги открива, отелотворени низ ликовите, нивните делувања и размисли, „клучните поставки на егзистенцијализмот – досегнување на вечното и апсолутното (односно, оставање трага, кај Малески), и моментот на изборот што ќе го овозможи тоа продолжување на емпирискиот живот во осмислена егзистенција (слобода) на човекот.“ (Петковска 1999: 46). Критиката му дава централно место на романот Разбој (1969) во рамки на прозниот опус на Малески. Укажувајќи на типолошката комплексност на ова дело, Милан Ѓурчинов вели дека станува збор за „и социјален и психолошки, а во поедини свои поглавја и битово реалистички роман за една изострена малоградска средина врз чија основа авторот ја разгорува својата стожерна тема за трагичната убавина на човечкиот напор да преживее, потврдувајќи се.“ (Ѓурчинов 1983: 173). Со романот Записи на Езерко Дримски (1980), Малески за првпат во својата проза се оддалечува од темата на Втората светска војна. Неговото последно дело, романот Јазли, објавен постхумно во 1990 година, раскажан во прво лице од главниот лик, Дојчин Брезоски – Арба, претставува семејна хроника во која, преку личните стории, „се отсликуваат крупните општествени настани и состојби.“ (Мицковиќ 1999: 33).
Иако пред сè прозаист, Малески на своите литературни почетоци, во текот на Втората светска војна, освен како поет на револуционерни песни, се јавува и како автор на едночинки, кои биле изведувани на партизанските приредби од актери аматери, учесници во народноослободителното движење. На 14 ноември 1944, во Битола, неколку денови по ослободувањето на градот, од страна на тукушто оформен полупрофесионален драмски ансамбл, изведена е неговата едночинка Петоимениот Ѓоре, со што започнува театарската дејност во слободна Македонија. Автор е на сценариото на првиот македонски игран филм Фросина (1952).
Добитник е на наградите „11 Октомври“, „4 јули“, „АВНОЈ“, за книжевен опус на издавачкото претпријатие „Мисла“ и „Рациново признание“. (Г. С.)