Просветен работник, револуционер и публицист. Оставил голем број патописи и репортажи за македонските села, градови и области. Неговото книжевно дело спаѓа во најбогатите и највредните за македонскиот патописен жанр од XIX век.
Основното образование го завршил во Прилеп, а гимназија во Солун. Познат е и како револуционер (во 1896 г. пристапил во редовите на МРО). Автор е на дела во кои пишувал исклучиво за Македонија, за нејзините села и градови, за црковното прашање, еснафите, училиштата и за нејзината етнографија, најчесто печатени во серијата „Македонска библиотека“. Автор е на спомени од неговото четириесетгодишно учителствување низ Македонија, сè до неговото заминување во Софија каде што работел на високи позиции во образованието и каде што се пензионирал.
Во весникот Новини објавил повеќе патописи. Еден од нив е „Описот на с. Богданци (Гевгелиска околија)“ кој започнува со лоцирање на селото: на североисток од Гевгелија, на растојание од два часа. Силната желба во тамошната црква да се каже „на славјански јазик ‘Св. Боже’“, придонела да се воведе словенскиот јазик и во богослужбата и во училиштето. По заминувањето за учител во Сер, го подготвил обемниот патопис „Една прошетка до с. Дутли (Серско)“. Трајчев веќе од поодамна имал на ум да најде некое мирно местенце за да може да излезе од „задушливата серска атмосфера“ и со неговиот пријател А. Н-в. да поминат дел од времето за одмор. За таа цел штом пукнала зората, во недела, тие пеш тргнале за Дутли, оддалечено 2 часа од Сер. Се снабдиле со неопходните продукти и одејќи поминале низ квартот Чомлек-дереси, низ живописната месност Кошковите и од таму се искачиле на ридот свртени со грбовите кон исток до излезот на патот кој водел кон селото. На кратко застанале кај месноста Кошковите за да ѝ се восхитуваат на глетката. Месноста била богата со јаворови дрвја, а низ неа течела и една од градските реки. Излегле на баничкиот пат кој водел и за Горно и Долно Фраштани и Неврокоп. „Баничкиот пат е доста прозаичен. Голи брда врват едно по друго. Од двете страни човек не гледа освен овде-онде нива, а поголемиот дел од земјата е необработен, служи за паша на добитокот. Но во тоа време и паша немаше, бидејќи јулското сонце беше изгорело сè“. Околината на с. Дутли била „раскошна“. Недалеку од него се наоѓале извори, од кои извирала Дутлинската Река. Тие извори „се вистинска благодет за селото, па и за самиот град; бидејќи тие се тие кои ја поддржуваат богатата вегетација на селото, четирите селски воденици, две тепавици и една валавница и сите останати воденици и градини по нејзиното течение дури до градот. Одевме кај изворите и не можевме да се нарадуваме на восхитувачката глетка која тие ја претставуваат“. Трајчев зборува за плодната почва која раѓала маслинки, жито, лозје, памук, но истакнува дека главните производи на селото се маслинките и пченката. На селаните дури им се познавало „и по лицата“ дека живееле добро. Сепак, нешто што особено го зачудило Трајчев било што селаните не чувале ниту свињи ниту кучиња! Од севкупните доживувања или впечатоци што ги доживеал во с. Дутли, Трајчев бил инспириран да го напише едниот од најубавите македонски патописи од XIX век. Крајната констатација за делата на Трајчев е дека тој е мошне успешен патописец. Тој се користи со чист и јасен јазик, не се задржува премногу на еден настан, а тој стил не му дозволува на читателот да ја изгуби концентрацијата при читањето. Настаните кои ги опишува се интересни, содржински исполнети со информации и пред сè се живописни. (С. К.)