Универзитетски професор, научен работник и книжевен творец. Работи како редовен професор и научен советник во ЈНУ Институт за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Високо образование завршил на Филолошкиот факултет во Белград (Општа и компаративна книжевност). Постдипломските студии ги слушал во Париз (Сорбона) и во Белград, каде што и магистрирал на темата: Чудесните елементи во македонската сказна. Докторирал на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје на тема Сказната како жанр (врз примерот на македонската сказна). Бил визитинг професор на универзитетите во Оксфорд, Букурешт, Будимпешта, Белград, Софија и Љубљана. Член е на Независните писатели на Македонија, на Друштвото на компаративистите и на Македонскиот ПЕН центар. Член е и на Academia Balkanica Europeana. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал за литература Про-За Балкан во Скопје.
Прокопиев е автор кој се има искажано во повеќе прозни жанрови: куса проза, раскази, новела, есеи, како и во хаику. Застапен е во повеќе избори, панорами и антологии на македонскиот расказ. Книги или делови од творештвото на Прокопиев се преведени на: англиски, француски, италијански, српски, јапонски, хрватски, полски, бугарски, унгарски, словачки, чешки, словенечки, албански, турски, грчки и други јазици.
Краткорасказниот модел на Прокопиев е модел на краток расказ-ситуација, што подразбира преобразба на одредени ситуации на одреден начин во литература. Ситуацијата, односно замрзнатата слика е само еден миг доведен до усвитеност, еден фрагмент низ кој може да прозвучи мудроста и метафизиката. Својата литература Прокопиев ја храни со рок-музиката, со телевизијата, фотографијата, филмот и стрипот, односно со урбаните средства на уметничко изразување.
За книгата раскази Слово за змијата, со свое видување се јавува Елизабета Шелева, според која Александар Прокопиев е „најизразениот претставник на кратката проза во Македонија“. Шелева утврдува дека: „Во ‘Слово за змијата’, Прокопиев засновува кохерентна наративна структура, цврсто наративно јадро и комплексна композиција, со контрапунктирани фабулативни низи, внатрешни монолози, фрагментарно разбиени и распослани низ текстот ликови“. Понатаму, додава таа: „Врската меѓу оваа и претходните книги на овој автор се гледа во самостојноста и промислена концепција на целата книга, со таа разлика што наместо ‘Дневникот за лична употреба’ и ‘Мајсторот на играта’, како нови поетички записи, стојат троделните ‘хартија, трошки, писменца’ и гротескниот лик на Хорацие Цвикало. Низ овие автопоетички текстови и есеистички пасажи, на ненаметлив начин прострујува доследната приврзаност на Прокопиев кон духовниот и естетски космополитизам, кон креативното наследство на митот, бајката и Библиотеката, како поетичка метафора“ (Шелева 1993: 192).
Истражувајќи ја естетиката на играта во неговите раскази, Африм Реџепи ќе утврди дека: „се употребуваат цитати од различни автори и уметници, англизми, слики од семејната биографија, писма, неоткриени документи, коментари и др. Сите се ставени во функција на естетската игра, во функција на интертекстуалната игра, односно во функција на отвореноста и неконечноста. Несомнено се повикува на одредбата на Лиотар, ‘војна на целината, да се активираат разликите’. Улогата на авторот е улога на аранжерот/организаторот на туѓите однапред постоечките материјали. Целината се разложува на делови, микроструктурата во макроструктура, за, преку прагма-играта, да се постигнат естетските ефекти... Затоа, продолжува тој, „се забележува тенденција за ослободување од големите тоталитарни и авторитарни наративи. Во прозата ја забележуваме недовербата на авторот во кохерентноста и континуитетот, се истакнува губењето на тоталитетот. Перфектно се искористува модерното техне, креирање на мали наративи / потврдување во чинот на раскажувањето“, додавајќи дека: „Поетиката на Прокопиев е борхесовска, со тенденција да ја декодира енигмата: човек – простор/време“ (Реџепи 2007: 184-186).
Збирката Човечулец, за која Прокопиев ја доби престижната книжевна награда „Балканика“ во 2010 година, ја сочинуваат 16 уметнички бајки за возрасни. Книгата ги актуализира универзалните вредности, за вината и простувањето, сето тоа испреплетено со современите наративи со легендарни и митолошки ликови.
Големиот број критички осврти и прикази за романот Ѕиркачот сугерираат дека станува збор за „еден од најдобрите современи македонски автори“, дека е „исклучителен роман со одлични естетски перформанси“, кој е „читлив, привидно едноставен, модерно постмодерен, учен роман што своето огромно знаење го крие под метапрозната маска на ’неукоста‘ и ’наивноста‘, ироничен скандалозно критичен кон хипокризијата на колективноста, во целина отворен за најдлабоките слоеви на личноста“ (Венко Андоновски 2008), како и дека „светот е илузија, а работата на уметникот е да ја долови таа илузија, со заклучок дека „тоа е порака на прозата на Прокопиев“ (Јасна Котеска). Всушност, Котеска со „добра причина“ пишува дека играта која ја преферира Прокопиев и која ја нуди на читателите во еден момент има точка кога станува сериозна: „да се биде слободен во ропство сѐ до последниот момент... Неговата проза нѐ тераше несвесно да доаѓаме до филозофскиот увид дека светот е кршлив сојуз на отсутната целина и одбивањето да се произведува болка“ (Котеска 2007).
Прокопиев е добитник на наградите: „Прозни мајстори“ за најдобро прозно остварување (2007), Годишна награда за есеистика на списанието Корени од Куманово (2010), награда „Хеликон“, Софија, Бугарија (2012), како и престижната награда „Балканика“ за Човечулец (2010). (С. К.)