Поет, романсиер, раскажувач, преведувач, антологичар и публицист. Како долгогодишен дипломат во земјите на Ориентот, Петровски ги вградил своите искуства и допири со другите култури во импозантен опус на книжевни дела од различни жанрови. Неговото творештво дише со љубопитство и креативна отвореност за разликите и другоста.
Завршил Правен факултет во Скопје. По дипломирањето се занимавал извесно време со новинарство и бил уредник на весникот „Железничар“ во железничко-транспортнотото претпријатие во Скопје. Од 1969 г. е еден од уредниците на Современост. Потоа станува советник во Секретаријатот за односи со странство и отпочнува со исклучително плодна дипломатска кариера. Бил амбасадор на СФРЈ и на Мкедонија во: Египет, Турција, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан, Казахстан, Азербејџан и Киргистан.
Во литературата се пројавува со поезија. Првата збирка И падина и гороцвет ја понудува за печат во 1963 г., но поради земјотресот ја објавува во 1964 година. Следната 1965 г. станува член на Друштвото на писателите на Македонија, а ќе биде неколкупати и негов секретар и негов претседател во првите години на XXI век. Во 1987/1988 година е претседател на Советот на меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Член е и на македонскиот ПЕН центар. Плодната дипломатска дејност ја завршува во 1999 г. кога се враќа во Скопје и работи во Министерството за надворешни работи до пензионирањето.
Во поезијата Трајан Петровски е повеќеслоен поет кој целосно се потпира на врските со традиционалното македонско поднебје, со неговата историја и физиономија. Во првите стихозбирки неговите стихови се фокусирани на пејзажот од неговата родна Дебарца, на природата и чудесните глетки, но испреплетени со рефлексија и медитација, во елегични тонови. Пишувајќи за песните на Петровски од овој период, Бранко Цветковски истакнува дека тие „буквално ја гравираат легендарната историско-национална генеалогија на Охрид и Западна Македонија“ (Цветковски 2008: 9). Во следната поетска фаза, Петровски се инспирира од другите култури и цивилизации со кои доаѓа во допир и во своите стихови вградува елементи од неговите египетски сознанија и восхити (Сфинга), но и од фасцинацијата од турското поднебје и општо, од Ориентот (Босфорско завештание).
И во доменот на прозата Петровски ги следи истите координати како и во поезијата. Во почетокот неговите прозни дела се посветени на македонскиот човек од навидум идиличната рурална средина (во збирката раскази Време Литово и Аждерово и романот Девствена причесна), за потоа интензивно да се напојат со мотиви и инспирации од културните средини во кои престојувал по налог на дипломатска должност. На пример, романот Асхаровци ја обработува темата на исламот и религиската догма, тема која е релативно ретка во македонската проза. Романот ги осветлува судбините на неколкутемина млади луѓе од Балканот кои се образуваат на светскиот центар за исламска култура и наука, на универзитетот „Ал Асхар“ во Каиро. Впечатлив сегмент од прозното творештво на Петровски е и патописната проза (Горчлив австралиски патопис и Каирска магија), како и мемоарската проза (Бев амбасадор на две држави: анадолски дипломатски летопис). Трајан Петровски има голема преведувачка и антологичарска дејност и огромни заслуги за воспоставувањето културни контакти и размени на македонската со разни други светски култури, пред сè од земјите во кои и самиот престојувал.
Носител е на неколку значајни книжевни награди и признанија за поезија и проза, како: „Рациново признание“ за романот Асхаровци во 1987 г., „Григор Прличев“ за поемата Верување во Охрид во 1996 г., „Ванчо Николески“ за Здравица за потомците во 1995 и др. Добитник е на меѓународната книжевна награда „Златен Јупитер“ на градот Тосја (Турција) и на наградата „Св. Климент Охридски“ на градот Охрид за животно дело. (С. С.-Е.)