поет, раскажувач, романсиер и драмски автор. Припаѓа на генерацијата современи македонски писатели за деца и млади. Дел е од антологијата на македонската и балканската литература за деца. Басните се негов творечки фокус и според бројот на авторски записи – тој дефинитивно е најголемиот баснописец во македонската современа литература. Давчевски е „македонскиот Езоп“, со свој автентичен израз и оригинални белези во креирањето на оваа книжевна форма.
Член е на Друштвото на писателите (1971), работел како уредник во Македонското радио во Редакцијата за детска програма.
Неговиот творечки опус опфаќа теми, ликови и приказни од природниот и имагинарниот свет на децата. Автор е на збирки песни, раскази, сказни, басни, романи, драми и радиодрами. Тој е еден е од најплодните македонски писатели за деца, а неговите дела се дел од македонската книжевна антологија. Неговото дело „Мустаќите на генералот Рококајко“ (1972), истовремено е и прва режирана детска претстава на Коле Ангеловски во 1973 година.
Творечкиот израз на Давчевски е естетски изграден и ненаметливо испреплетен со формите на живиот, говорен јазик. Последниот проект што ги сумира сите неговите творби е постхумно објавениот циклус од триесет книги, систематизирани во десет тома басни во поезија и проза, со наслов „Беседа на фауните“ (2020). Според обемот и форматот на делата (басни за деца и возрасни), ова е единствен циклус творби во македонската литература.
Давчевски го гради стилот врз основа на жив и непосреден дијалог. Во структурата и содржината на неговите басни се препознава леснотијата во пристапот кон темите и особено, умешноста да креира експресивна и естетска игра со зборовите. Неговиот концепт на градење на оваа форма е испреплетен и со исклучителна музикалност. Во најголем дел од творештвото, уметничкиот свет го отсликуваат животните како метафора (и карикатура) на човекот низ случки и искуства од секојдневниот живот. Животните имаат човечки карактеристики и односи кои потсетуваат на типични ситуации од животот. Низ нив се отсликуваат меѓучовечките односи засновани на интриги и постојана борба за правда и праведност. Во неговите басни се испреплетени доброто и лошото, наивноста и остроумноста. Секоја басна е посебно осмислена приказна, во која конфликтот редовно се разрешува со задолжителна етичка компонента („Правдата е крзно со прекрасни коси/кој секој умен сака да ја носи. Дали ќе го има и како ќе му стои/ сè зависи од кој што ќе му го скрои!“). Ликовите често отвораат етички прашања и дилеми и ја носат пораката како клучна алка во мозаикот од случки и ликови. Проткаени со ведрина и хумор, неговите творби се базирани на народната мудрост препознатлива во формата на народните поговорки, брзозборки и детски песни.
На ист начин Давчевски го создава и светот на сказните. Во нив се препознаваат емотивни, топли нишки во изразот, со автентичност во зборовите кои стануваат негов препознатлив стил („Мравулчето од Саурус“, „Чудомагазинерија“, „Видено во земјата Невиденија“, Неродениот мандарин“, „Животворна ружа“, „Тарашмаалка“ и др.).
Дел од творештвото на Давчевски опфаќа теми и пристапи чија целна публика се тинејџерите и младите. Такви се романите „Раните на љубовта“ (1991) и „Која е добрата мајка“ (1992).
Давчевски е писател со усет. Со пристап на дете, тој умее на суптилен начин да го разоткрие светот на најмалите. Неговите приказни во збирката раскази „Девојчето со рингишпил“ (2007) открива уште една негова посебност – вештината да го вклучи читателот во интеракција со приказната. Играта на невидливиот јунак од приказните прераснува во низа од приказни испреплетени со духовити реплики на имагинарните ликови. Со сите елементи на неговиот творечки израз, Давчевски му го доближува светот на детето со сите свои лица и предизвици. (Т. Ќ.)