македонски раскажувач, романописец, драмски автор, публицист. Претставник е на првата македонска повоена генерација писатели кои ги поставија темелите на раскажувачката проза и уметност. Неговите најдобри остварувања датираат од периодот по ослободувањето. Со своите романи тој го одбележува регионалниот, битово-социјалниот и општествено-историскиот реализам во македонскиот роман. Неговите дела ја креираат сликата на повоените политички, економски и социјални состојби во земјата и типичните карактери од тој период.
Роден е во Велес, во познато велешко семејство на правници, лекари и занаетчии. Основно и средно училиште завршил во Велес. Заминал на студии на Правниот факултет, прво во Белград, а потоа во Софија. По завршувањето на студиите работел како заменик-јавен обвинител на Македонија. Бил член на Друштвото на писателите од 1952 година. Во својот културно ангажиран период, бил уредник на првиот литературен весник Културен живот (1951) и уредник на Културната рубрика во весникот Нова Македонија.
Неговото раскажувачко творештво исцртува широк тематски круг што го опфаќа времето на турското ропство и Илинденското востание, Народноослободителната војна, повоената изградба и реформација на земјата (Длабока рана, Посилни од смртта). Неговиот раскажувачки стил е типично реалистичен, со описи на ликови и постапки низ фокусот на централните настани. Во еден од расказите, Леов за првпат внесува лик којшто по описот и функцијата отстапува од традиционалната идеализација на револуционерните херои и се доближува до уште поголема објективизација на животот (Незнаен борец).
Неговите романи на креативен начин ги изделуваат социјалните и психолошките специфичности на времето меѓу Двете светски војни. Во нив доминира ненаметлива сатира и лесен хумор, со кои Леов најпрецизно ги открива недостатоците на поединците и општествените групи (трговци, занаетчии, претставници на власта, луѓе од народот). Во делата во кои ја слика револуцијата неговиот реалистички пристап се менува, па тој повеќе им пристапува на ликовите од психолошка гледна точка (Виор, Глуви мугри).
Во подолг творечки период од речиси цела деценија (1948 – 1957) тој го обликува своето драмско творештво базирано на човечки приказни за неправдите и револуцијата, скицирајќи го животот во првите повоени години и инфраструктурните реформи на земјата по војната („Првиот копач“, „Св. Илија“). Низ длабока интимна приказна за непокорот, среде искушенијата на војната и растргнатоста меѓу припадноста, достоинството и предавството, Леов го гради неговиот најобемен драмски текст Расцветаниот јасмин (1958). (Т. Ќ.)