поет, есеист и антологичар. Претставник на современата генерација македонски поети кои ги утврдуваат развојните контури на модерниот стил, воведувајќи за првпат експериментални форми и жанрови на поетскиот израз. Тој е еден од најактивните и најплодни хаику творци од почетоците на ова творештво во македонската литература. Автор е на првата антологија на македонската хаику поезија – Антологија на македонското хаику (2003). Дабески е двоен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува за најдобра поетска книга напишана во периодот меѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата, еднаш во 1987 г. (за збирката Четврта координата) и вториот пат во 2004 г. (за збирката Сноп параболи).
Петко Дабески го завршил средното образование во Тетово. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Белград. Работел како електроинженер, но истовремено бил и општествено ангажиран работник. Бил претседател на Општинското собрание на Тетово.
Неговиот поетски опус нема тесно тематско поетско јадро. Растреперен во изразот, во конструкцијата на стихот и во формата на песните, тој го создава разновидниот поетски мозаик од филозофски, социјални и национални теми. Низ неговите кратки поетски изблици го разобличува општественикот, работникот, политичарот, но се обидува да проговори и за длабоките егзистенцијални дилеми на обичниот човек („Третиот потег“, „Параболи“). Дел од неговите песни се автореференцијални контури за песната и јазикот, напишани на начин што го деконструира зборот во сите негови варијации и функции („Покров од борови“, „Проблесок и молк“). Речиси без исклучок неговите експериментални стихови, т.н. лирски минијатури, се едни од најоригинални поетски форми во македонската поезија („Шумот на нечујното“).
Во потрага по слободата на изразот, избегнувајќи го уметничкиот формализам, Дабески креирал совршен уметнички сплет на поезијата и прозата („Наивности“, „Равенки на стварноста“). (Т. Ќ.)