Македонски раскажувач, романсиер и книжевен критичар.
Родното село го напуштил со децата бегалци од Егејска Македонија и се населил во Битола, кадешто завршил гимназија. Потоа заминал во Струмица и завршил средно земјоделско училиште. Студиите по македонски јазик и книжевност ги завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во културната рубрика на Радио Скопје, кадешто реализирал десетина негови радио и телевизиски драми. Бил уредник на весникот „Трудбеник“. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година.
Авторското книжевно дело на Петар Ширилов брои шест романи, три збирки раскази и три дела од областа на книжевната критика. Заедно со Ташко Георгиевски, тој е првоносец на егејската тема во македонската современа литература. Неговото дело ги отвара интимните и колективните прашања на поразот и непокорот на егејското македонско малцинство. Прашањето на бунтот на Егејците, независно дали е внатрешен - против однародувањето на поединецот, или, пак, надворешен - револуционерен, со јасна цел за зачувување на националниот идентитет, претставува лајт-мотив на творештвото на Петар Ширилов. Неговото творештво е специфично по мајсторски насликаниот егејски хронотоп, по времето во кое се одвива дејството - периодот од 1940-1950 година, како и по неуништливите ликови кои негуваат култен однос кон претците и кон нивната земја.
Уметничкото книжевно дело на Петар Ширилов во целост е прозно и може да се подели на два периоди. Во првиот период, или неговата рана литература (1961-1966), авторот маестрално ги гради просторот и времето во кои подоцна ќе ги смести ликовите од сите своите понатамошни дела. Периодот започнува со збирката раскази За детсвото и светулките (1961) во чии корици влегува и неговиот дебитантски расказ „Поднебје“ (1953). Следуваат трите романи: Заветрина спроти виулицата (1962), Плачат оние планини за мене (1965) и Светогорци (1966), како и збирката раскази Бунт во каменот издадена1966 година. Ликовите кои Ширилов ги гради во неговата раната литература подлежат на извесна подвоеност на внатрешното и надворешното јас, бидејќи за нив добиваме слика или само преку интимните битки кои ги водат, или, пак, само преку мислењата и отисокот кој го имаат над другите ликови. За разлика од нив, во вториот период преку едновремено сликање на внатрешната и надворешната претстава за секој лик, но и давајќи му посебно место во мозаикот од ликови, Ширилов успева со леснотија да ја предаде основната порака, да создаде целовитост на ликовите и нивна единственост. Вториот период во неговото творештвото (1972-1988) го одбележува трилогијата романи: Црноборје (1972), потоа Земја во дуљбија (1976)и Света шума (1978), на која се приклучува и збирката раскази Геометри (1988). Овој втор циклус на романи претставува поширок и подлабок епски подвиг на авторот. Предавањето на масовни сцени во овие романи е карактеристично за вториот период. Во него го следиме развојот на цела плеада ликови чии судбини и приказни авторот продоллжува да ги плете од дело во дело, вклучително и во збирката раскази Геометри, која е надвор од трилогијата романи. Хероите на Ширилов се симболи за времето, почвата и историјата, во чија поединечна судбина се огледува и судбината на целиот колектив. Неговите хероини, пак, го носат колективниот трагизам на еден народ. Нивната меѓусебната љубов е антитеза на воената хистерија во која егзистираат. Конкретно, дејството на романот Црноборје, како дел од трилогијата романи која се однесува на периодот од 1940 до 1950 година и се одвива во селото Црноборје, го обработува периодот непосредно пред Втората светска војна. Романот вклучува приказни за семејни судбини, љубовни приказни, приказни за влегувањето на повеќе македонски војници во грчката армија, но го прикажува и животот на останатите жители по заминувањето на овие регрути. Ликовите како Евросим Лагунски, Флорин Ембровски, поп Григориј Светогорски, Данило и Филип Лагунски, Петруш Лескачевски, Георгина, Томика, Дафина и Уранија во себе носат карактеристики на колективната свест. Иако овие ликови се многу цврсти, жилави и истрајни, земајќи ја предвид нивна заедничка болка, не е ни чудно што токму шумата, која може да ги заштити, ја прогласуваат за света. Пишувајќи дека „шумата не се плаши од раните, ако ѝ е здрав коренот“ во Света шума но и дека „името и човекот се исто“ во Црноборје,и споредувајќи ги Црноборјани со дрвјата во шумата над нив, всушност Ширилов ја поставува основната тема на оваа трилогија – македонската потрага по корените, по нивно признание, но и трагедиите со кој се соочува македонскиот народ, уметнички обележани преку црната боја. Овој симбол за коренот претставен преку растение – во случајов црниот бор, е слика на народната македонска неуништливост, која неколку години подоцна ја скицира и врвниот писател Петре М. Андреевски преку растението пиреј. Раскажано во трето лице еднина, во романот Црноборје, авторот си игра со раскажувачки стил во минато време, а наместа и во сегашно за полесно да го внесе читателот во приказната. Нарацијата се одликува со современ творечки израз, вешто изведени метафори, и силно чувство и длабоко разбирање за семантичко- структуралното значење на зборот, со што се оправдува партиципацијата на романот Црноборје во изданието „135 тома македонска книжевност“.
Петар Ширилов е добитник е на наградата „Млад Борец“ (1956) и „13 Ноември“ (1972). (Е.Л.)