Поетеса, раскажувачка, романсиерка, авторка на хаику поезија, преведувачка и препејувачка. Припаѓа на втората генерација современи македонски писателки, со обемен и разновиден творечки опус, со издадени триесетина книги со различна тематика, остварени во различни жанрови. Делата ѝ се приврзани за детето, младината, природата, семејството, училиштето, градот, но и со настани условени од конкретен социокултурен простор. Таа е педагог-реалист со поетски однос спрема детето, младите, човекот, природата и животот.
Завршила Филозофски факултет во Скопје и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работела како професор по словенечки јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и како лектор по македонски и по словенечки јазик на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка Република. Член е на ДПМ (од 1971) и на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија (од 1972). Била член на Претседателството на ДПМ (2000 – 2002) и претседател на Комисијата за активности на писателите за деца.
Дебитантската објава на Миркуловска е збирката поезија за деца Цвеќенца (1960), а првата објавена збирка поезија за возрасни е Прекршен лет (1966). Поезијата и прозата најчесто се исповедни, со изразени лични акценти и субјективна авторова емоција. Тоа е книжевност на блиско обраќање, со реалистично прикажување на животот и на светот, со воспитно-поучна и еколошка компонента.
Поезијата за возрасни во фокусот ја става судбината и смислата на човековото постоење и како тема ја има човековата егзистенција. Оваа поезија ја опева љубовта, природата и вегетацијата (Прекршен лет, 1996); детството, татковината, војната и холокаустот (Навева снег, 2002), се карактеризира со лични, интимни, лирски искази за смислата на човековото постоење и егзистенција (Фатаморгана, 2016; Премостувања, 2020) и за доживувањата, сфаќањата и предизвиците во животот (Денови без насмевка, 2017; Чемер мигови, 2019; Микрокосмос, 2021). Тука Миркуловска е суптилна, исповедна, емотивна, хумана, а стихот е уреден и е во функција на поука, препорака, восхитување. По тонот и сензибилитетот, поезијата за деца е сведочење за детството и детето чиј свет е најчесто согледан во традиционални рамки и се пренесува со лирски, емотивен, дескриптивен и дидактички занес. Детството и детето, неговите љубопитства, игри, радости, желби и настани со кои тоа се соочува и неговиот светоглед е најчестиот мотив. Тука се опеани првите детски сознанија за светот (Цвеќенца, 1960), детското љубопитство за светот (Првачиња, 1972), љубовта кон татковината (Празнични виделини, 1979), родителската љубов (Лице и опачина, 2005) и своето детство (Сите деца мили, 2015). Мотивите се разнородни: од народни (Нишан ти пратив, 2012), родољубиво-патриотски (Празнични виделини, 1979), од природата (Првачиња, 1972), антивоени (Празнични виделини, 1979). Дел од нејзината поезија е со модерен сензибилитет чиј свет е игрив и често алегоричен (Сите деца мили, 1982) до изразено дидактични (Лице и опачина, 2005). Во поезијата за деца видлива е збороиграта и музикалноста, често преку ритмичко топли и срдечни стихови, кои имаат лирски тон и ретко се задржуваат на детските трауми.
Во жанрот на прозата Миркуловска дебитира со книгата раскази за деца Градинче (1962), каде создава идилична слика на училиштето, домот, семејството и градот, теми присутни и во книгата раскази Виножито (1979). Детето, другарството, љубовта, хуманизмот е тема и на двата куси расказа, обележани со навраќањата кон сопственото детство за време на Втората светска војна, преку: соседското дружење на авторката со еврејските другаричиња (Кога цутеа бадемите, 2014), училишното дружење со српските другарчиња (Две разделби, 2015) и со рефлексиите што се раѓаат во допирот на детето со предметите и појавите. Опишувањето и пренесувањето на чувствата на детето, хуманоста, дружељубието, копнежот по некое време и простор, играта низ која детето го доживува својот биопсихолошки, интелектуален и социјален премин, го сочинува светот на кусиот расказ на Миркуловска.
Како романсиерка Миркуловска е посветена на темите за другарството, емпатијата, на еколошките теми, но и на темата за холокаустот на Евреите од Македонија. Другарството, младешкиот порив за докажување, урбаното секојдневие е тема на романот Клучарчиња (1992). Романот Тополите на крајот од дедовата ливада (2001) и неговиот втор дел Цвеќе на мирот (2007) можат жанровски да се класифицираат како први екоромани во современата македонска книжевност. Јасна порака до возрасните за несреќите од војните, за војните и за холокаустот на Евреите од Македонија пренесува преку Никогаш да не се повтори (2017).
Нејзиниот свет на бајки е собран во книгите Ѕвездена (1986) и Виделина (1989), кои се создавани и врз народната традиција и врз урбаното секојдневие.
Добитничка е на високи награди и признанија – за преведувачка дејност од словенечки на македонски јазик и од македонски на словенечки јазик добитник е на признанијата: „Потокарова повелба“ (1987), „Јубилејно Златно перо“ (2001), „Кирил Пејчиновиќ“ (2002), „Златно перо“ (2008); Повелба „30 септември“ (2010); наградата „Даница Ручигај“ (2017). Прва награда за песната „Балада за една бреза“ (1976), втора награда за песната „Прости ми“ (2002); награда за животно дело (2001), прва награда за романот Цвеќе на мирот (2008), Златна плакета (2010) за придонес во развојот на Филолошкиот факултет и во започнувањето и развојот на студиите по словенечки јазик, литература и култура. Признание и благодарница (2010) од Р. Словенија по повод 50 години настава на словенечки јазик во Македонија. Признание (2011) од МНР на Р. Словенија по повод 20-годишнината од осамостојувањето на Р. Словенија. УО на Здружението „Франце Прешерн“ – Словенци и пријатели во Македонија (формирано 1994) за сите јубилејни одбележувања ѝ има доделено признанија и благодарници за соработка. (Б. Р. Н.)