македонски поет, раскажувач, драмски автор, есеист и преведувач. Припадник на третата повоена генерација македонски поети, генерација која се појавува во втората половина на педесеттите години на XX век и која одигрува пресудна улога во процесот на дедогматизација, модернизација и европеизација на македонската литература и култура. Ѓузел е поет кој ја одбира побуната за свој основен spiritus movens. Оттаму и определбата на неговата поетика како „поетика на спротивставување“ (В. Урошевиќ), оттаму и мотивите на револт и неконформизам, како и бизарен и провокативен (понекогаш дури и деструктивен), ироничен и критички тон – како доминанти на неговиот поетски дискурс. Неговата поезија е дијалогична: таа бескомпромисно и жестоко полемизира со традицијата, историјата и тривијалната реалност.
Дипломирал на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Скопје во 1963 г., а во учебната 1964/1965 бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург како стипендист на Британскиот совет. Работел како ТВ-реализатор во РТВ Скопје, како библиограф во НУБ „Св. Климент Охридски“, а во два наврата – како драматург во Драмскиот театар во Скопје (1966 – 1971 и 1985 – 1999). Бил програмски директор на Струшките вечери на поезијата (1971 – 1973), а од 1999 г. до пензионирањето (2004) е в.д. директор на СВП. Во меѓувреме, бил секретар на Македонскиот ПЕН центар (1963/1964), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970 – 1972) и еден од основачите и прв претседател на Независните писатели на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура Наше писмо бил главен и одговорен уредник. Учествувал на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, САД (1972/1973) и на многубројни меѓународни поетски фестивали. Член е на МАНУ (од јуни 2012).
На книжевната сцена дебитира со стихозбирката
Медовина (1962), инспирирана од „знаменијата на родокрајната историја и од древните балкански народни преданија“ (Васко Попа). Влада Урошевиќ меѓу првите ќе ја поздрави објавата на оваа, во многу нешта, невообичаена книга стихови, која, според него, во македонската поезија внесува „жесток акцент на бескомпромисна авантура“ (Урошевиќ 1962: 979). Спојот на личните дилеми и прастарите митови, на модерната поетика и архаичната лексика продолжува и во следната поетска книга
Алхемиска ружа (1963), која со „Белешките“ поместени на крајот, ги промовира дијалогизмот и интертекстуалноста avant la lettre, што ја прави оваа збирка исклучителна. Просторот на митското и историското се потиснати во третата збирка
Мироносници (1965); таа е илустративна за онаа струја во македонската поезија која (во духот на манифестот „Епското на гласање“, потпишан од Б. Ѓузел и Р. Павловски и првично објавен во новосадското сп.
Polja, 1960) „му дава решавачка предност на епското пред лирското, на церебралното пред емоционалното, на рефлексивното пред сензибилното. Песната овде се откажува од мелодијата и еуфоничноста (...) и ја негува ‘поемата-разговор’“ (Đurčinov 1988: 67). Интелектуалните и поетските љубопитства на Ѓузел се продлабочуваат во следните збирки –
Бунар на времето (1972) и
Тркало на годината (1977). Иако овие две книги поезија ја потврдуваат поетовата трајна опсесија со мистеријата на времето, визурата на минатото овде е конкретизирана и таа, освен античкиот и византискиот период, го вклучува и изминатото време на личниот живот. Оваа тенденција продолжува и во збирката со парадигматичен наслов (како антиципација на животната филозофија на поетот) –
Стварноста е сè (1980). Ѓузел веќе целосно се предава на дразбите од стварноста сфатена како супститут за полнотата на живеењето, при што сегашноста не го исклучува минатото, баналноста – метафизиката, секојдневието – космичката драма, реалноста – сонот. За Соња Стојменска-Елзесер оваа збирка е пресвртна и таа го означува „зрелиот и комплексен поетски сензибилитет на Ѓузел кој е првенствено рефлексивен, интелектуално-филозофски, ерудитен, луциден, жесток и зајадлив, циничен и критичен, та дури и класично ангажиран“ (Стојменска-Елзесер 2008: 8). Збирките што ќе уследат по
Стварноста е сѐ – од
Опсада (1981) и
Празен простор (1982), преку
Мрак и млеко (1986) и
Рушејќи го ѕидот (1989), па сѐ до
Хаос (1998),
Опстанок (2003) и
Песочник (2008) – се во знакот на општествено-политичката димензија во сфаќањето и толкувањето на актуелниот миг и на цивилизацискиот хаос на нашето време, при што поетот на грубоста на светот му ја противставува сопствената грубост. Со други зборови, Ѓузел е ревносен антиципатор на „една естетика на отпор од очај“, како што вели во песната „Борба за опстанок“ (
Рушејќи го ѕидот). Интересно е да се спомене дека на преминот на милениумите кога поезијата генерално се свртува кон апокалиптични визии, толку чести и во неговите профетски (есхатолошко-космогониски) стихови, Ѓузел објавува еротска поема со симболичен наслов –
Она (2000). Во поговорот кон поемата Елизабета Шелева ќе запише: „Лирското Ти е предочено како еден либидинозен флуид; тоа е час слика на семоќната жена-Анима; час претстава на раскошната женска димензија на природата и на земјата; час метафора за апсолутната женскост и совршеност на самата песна, на поезијата“ (Шелева 2000: 63).
Од прозните остварувања на Ѓузел се издвојува патописниот роман Куќа цел свет: житија и патешествија во Ирска и Америка (1974), кој е вистински иновативен не само во времето кога се појавува туку и денес, и тоа според хибридноста, извонредно живиот и вибрантен стил и спонтаниот јазик во „сирова“ форма, полн колоквијализми, варваризми и архаизми.
Драмското творештво на Ѓузел опфаќа неколку изведени и неизведени драми, дел од нив необјавени. Според критиката, неговите миракли „Адам и Ева“ и „Јов“ (објавени во Мито-стории, 1982, но пишувани и поставени на сцена во почетокот на 70-тите години на минатиот век), „денес треба да се читаат како една современа парабола за апсолутната власт и за ризикот и доблеста што стојат зад секој обид за противставување кон неа“ (Урошевиќ 2015: 268). Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина на овој автор доаѓаат до израз и во неговата есеистичка дејност која ги опфаќа книгите Историјата како маштеа (1971) и Бовча (2002).
Богомил Ѓузел несомнено е еден од најзначајните преведувачи и препејувачи на поезијата од англофонското книжевно подрачје кај нас. На македонски јазик, во негов превод, се приопштени најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир (вкупно осумнаесет), а тој се јавува и како препејувач на изборите од поезијата на: Т. С. Елиот, В. Х. Одн, В. Витмен, Е. Дикинсон, Е. Паунд, В. Б. Јејтс, Ш. Хини и др., а составувач (заедно со Л. Симпсон и С. Фошро) и преведувач е на една Антологија на современата американска поезија (1975).
Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ (двапати, за Мироносници во 1965 и за Бунар во времето во 1972 г.), „Кирил Пејчиновиќ“ (за преведувачки опус), главна награда на Меѓународните писателски средби во Загреб (2002), „Босански стеќак“ на Сараевските денови на поезијата (2018) и др. (Л. К. Д.)