Македонски поет, новинар и публицист.
Основно и средно училиште завршил во Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје на Катедрата за јужнословенски книжевности. Покрај поетската дејност, од 1976 до 1999 г. работел во „Нова Македонија“ како новинар и уредник на Културната рубрика, a потоа преминал во „Утрински весник“ од 1997 до 2007 година. Бил извршен директор на издавачката куќа „Култура“ до 2009 г., а од 2010 г. е главен уредник во издавачката куќа „ВиГ Зеница“. Член е на ДПМ од 1987 година. Неговите дела се преведени на многу светски јазици.
Авторското книжевно дело на Глигор Стојковски во целост е поетско. Неговото дебитанско дело Починка во чисти честички од 1979 година заедно со Пајак (1984), Очно дно (1990), Студена минута (1993), Зад билката, молк (1995) и Земјата сама ќе се отвори (1996) ја одбележуваат првата фаза на профилација на авторовото творештво – уште на самиот почеток закитено со угледни награди и признанија. Во неа Стојковски веќе се наметнува како еден од првоносците на петтата генерација современи македонски поети. Она што ја разликува неговата поезија од останатите, како што пишува Катица Ќулавкова, е неговата „нетипична поетска конструкција“ во која „хибридизацијата на лирскиот текст на Глигор Стојковски се остварува преку интегрирање на мноштво елементи чијашто примарна жанровска припадност е прозната...“ (Ќулавкова 1996: 48). Како специфики за неговата поетика се издвоени елементите: центрипеталност на обработуваните теми, отсутност на лирскиот субјект, мимикрија на лирската песна во научен дискурс, интерференција на стилови, жанрови и дискурси, постмодернизам искажан преку доминација на објектот над субјектот. На тоа се надоврзува и онтолошката тема на немирот, која ги одбележува почетоците на творештвото на Стојковски, како поезија во која лирскиот субјект се соочува со егзистенцијалните и духовни искушенија и драми. Во наредната фаза, по стихозбирката Заборавено око на небото (1997), Стојковски е јасно препознаен од книжевната критика како „неодминлив дел на обновата на современата македонска поезија“ (Стојчевски 1997: 83). На оваа фаза ѝ припаѓаат и збирките Божја честичка (2017), Неминовен молк (2020) и Овие песни (2022). Постапката на тенденциозна мистификација „се одвива синтаксички и семантички постапно, низ надоврзувања и дополнувања, варијации и синонимни описи, низ стилски постмодерни симетрии (римејк, верзија), полисинегдотски и асинегдотски повторувања и наративизирани подробности“ (Ќулавкова 1996: 52). Препознатлив по репринт и римејк на истата шема, Стојковски прави реактуализација на истите поеми, каде ги престуруктуира во зависност од нивната интертекстуална поставеност на хипотекстовите и хипертекстовите.Книжевната критика ја подвлекува и стилската симетрија во поезијата на Стојковски, која носи тенденција на синонимност, а исто така и интегрирањето на разни видови прозен дискурс (уметнички, научен, колоквијален, публицистички и есеистички) во рамките на поетскиот текст.
Глигор Стојковски е добитник на наградите: „Браќа Миладиновци“ (1997) за стихозбирката Заборавено око на небото, „Григор Прличев“ (2015) за поемата Завет, јад, наградата „Нарциса“ и наградата „Кочо Рацин“. (Е. Л.)