македонски поет, есеист, преведувач и антологичар. Како поет Димоски е непосредно поврзан со локалното – со своето село Велестово високо надвиснато над Охридското Езеро на планината Галичица. Иако во творештвото постојано тргнува од овој свој животен и авторски хронотоп, Димоски успева да се издигне над локалното за да изгради еден свој посебен, но особено универзален поетски светоглед. Неговиот раскошен поетски талент се пројавува уште од првата поетска книга Гравири (1979) со која суверено стапува на поетската сцена. Ова негово прво поетско дело не останува незабележано од нашата книжевна критика, книгата се објавува во едицијата „Алфа“ на Книжевната младина на Македонија, а ја добива и наградата „Млад борец“ за 1980 година за најдобра дебитантска книга. За оваа стихозбирка, непосредно по нејзиното објавување, пофално се искажуваат неколку наши еминентни критичари (Милан Ѓурчинов, Слободан Мицковиќ, Димитар Пандев). Од овие првични успеси па сè до денес, Славе Ѓорѓо Димоски создава импозантно поетско дело кое во континуитет е високо вреднувано и кај нас и во светот.
Основно училиште Димоски учел во родното село Велестово и во Лескоец, а гимназија во Охрид. Дипломирал на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Живее во Охрид. Работел како професор по македонски јазик и литература во Охридската гимназија. Застапен е во голем број антологии на македонската поезија објавувани во земјата и во странство, а преведен е на неколку десетици јазици (англиски, руски, српски, бугарски, словенечки, полски, турски, монголски и други). Димоски е основач и долгогодишен раководител на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, која традиционално се организира секое лето во неговото родно село. Исто така, тој бил во два мандата и претседател на Управниот одбор на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“. Бил член на ДПМ, а член е на Македонскиот ПЕН центар. Димоски е автор на четиринаесет книги поезија, на осум поетски избори, на шест книги за деца, на четири книги со есеи, на пет поетски антологии, на пет поетски е-изданија, на десет книги со поетски преводи (од словенските јазици: руски, српски, хрватски, бугарски), а дваесет посебни поетски изданија му се преведени на повеќе јазици, додека негови одделни песни и циклуси се преведени на над триесет јазици. Застапен е во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени по 1982 година.
Во март 2023 година, во издание на Општина Охрид е објавена книгата со критичко-есеистички текстови за поезијата на Димоски, со наслов Славе Ѓорго Димоски во книжевната критика (македонска и светска) чиј приредувач е Димитар Пандев. Книгата е составена од два дела при што првиот дел, насловен „Македонска критика“, е поделен на три циклуси: „За поезијата“, со текстови посветени на севкупната поезија на Димоски, „За книгите“, со есеи за неговите книги, а третиот дел содржи есеи за некои негови одделни песни. Во вториот дел од оваа книга, насловен „Странска критика“, се приложени есеи на повеќе странски автори кои го анализираат творештвото на Димоски. Оваа обемна и минуциозно подготвена книга (Пандев, 2023) претставува сеопфатен приказ на севкупното поетско и есеистичко творештво на Димоски и може да се прифати како основа за секое идно истражување на неговото книжевно дело.
Уште со појавата на првата поетска книга Гравири (1979) Димоски суверено настапува на македонската поетска сцена, за што говори и афирмативниот текст на академик Милан Ѓурчинов во кој се тврди дека младиот поет како основни средство на поетскиот израз ги користи поетската слика и метафората и дека „свежината, ненаметливоста и чистотата на поетскиот ракопис на неговиот првенец укажуваат на појава на еден млад автор во чија иднина треба да веруваме“ (Ѓурчинов, 1979; Ѓурчинов 2023: 124). Кон овие предвестувачки мисли се приклучуваат и ставовите на Слободан Мицковиќ и на Димитар Пандев, кој, пак, е автор и на поголем број подоцнежни критички осврти кон творештвото на Димоски, меѓу кои се истакнува обемниот есеј „Погледи во поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски“ (Пандев, 2014). За Гравири се произнесува и Венко Андоновски во својот текст „Гравирање на голиот јазичен знак“ (Андоновски, 2019) што се објавува како предговор кон јубилејното издание Гравири, 40 години отпосле (2019). Во овој свој текст Андоновски, покрај претходните воочувања на критичарите за доминантноста на метафоризацијата и на силната поетска слика кај Димоски, на разбирањето на „поезијата како гравура“, укажува и на значењето на „еден чисто метонимиски пол“ кој води кон создавање на песни со „наративен контекст“. Важноста на оваа книга, според Андоновски, е во тоа што „покажа дека не се непомирливи силната метафора и музикалниот стих“ и дека „можат да се помират во органска поетска целина дури и спротивностите – метафората со метонимијата, поетското со прозното, и притоа да се остане во зоната на поезијата“ (Андоновски 2019: 15-16). На овој план треба да се истакне дека критичарот Данило Коцевски со право смета дека „книгата Гравири е нуклеусот кој ги содржи речиси сите поетови подоцнежни интересирања и преокупации блиски на неговиот сензибилитет, како што се: склоноста кон лирското, лирско-наративното, митолошкото и рустикалното, патриотското но и еротското“ (Коцевски, 2001; Коцевски 2023: 30). Од друга страна, академик Георги Старделов, понирајќи во структурата на поетскиот јазик на Димоски и во неговите клучни метафори и симболи, смета дека „можеме да видиме и да почувствуваме колку неговата поезија е оригинална и богата со сугестивни поетски слики, симболи и метафори, колку интензивно разбудува во нас цели ракатки и нишки од возбудливи поетски асоцијации и темни реминисценции ...“ (Старделов, 1994; Старделов 2023: 25).
Во своите следни поетски книги објавени во деветтата и во десеттата деценија од минатиот век (Проект, 1982; Студен порив, 1985; Последните ракописи, 1988; Спореден пат, 1991; Предмети и аргументи, 1994; Форми на страста, 1998 и Темно место, 1999) Димоски ги следи поетските начела востановени во книгата Гравири и на тој начин ја гради, како што вели академик Матеја Матевски, својата „пофалба на лирското“ (Матевски, 2002). Сето ова се остварува во рамките на едни „простори на прозрачното“ (Ефтим Клетников) кои со „крупен чекор“ (Санде Стојчевски) водат кон еден восхитувачки „сјај на темното“ (Венко Андоновски). Впрочем, овој сјај на темното доминира во поетскиот ракопис на Димоски Темно место (1999), делото за кое тој го доби нашето највисоко признание за поезија, наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП за 2000 година.
Поетските дела од првите две децении на овој век (Мерач на зборовите, 2007; Јазичен триптихон, 2015; Извештаи на Рисот, 2016; Кумова слама, 2018 и Јазик и леб, 2019) ја претставуваат зрелата фаза од творештвото на Димоски која се одликува, како што вели Санде Стојчевски, со еден „моќен пев во близина на крупни филозофски прашања“ (Стојчевски, 2015), со градење на една „поетска творечка митологија“ (Аврамовска, 2015), но и со едно воспевање на „возвишеноста на природата“ (Џепароски, 2019). Ова особено се однесува на поетското дело (в. Извештаи на Рисот) во кое Димоски возвишеноста на природата успешно ја преобразува во една еколошка и екопоетичка возвишеност. Последната, пак, објавена поетска книга на Димоски Јазик и леб (2019) повторно нè враќа кон неколкуте темелни симболи што постојано, та дури и опсесивно се појавуваат во поетските светови на Димоски: „А такви, покрај јазикот, лебот, куќата, рисот, телото, ноќта, виното, ракописите ... и уште неколку други се тие на кои Димоски постојано им се навраќа од некој друг агол, некој друг контекст и повод“ (Стефоски 2019: 14).
Славе Ѓорѓо Димоски е добитник на наградите: „Млад борец“ (Скопје, 1980); „Млада Струга“ (Струга, 1982); „Златно јаболко – Седум секретари на СКОЈ“ (Загреб, Хрватска, 1988); „Браќа Миладиновци“ (Струга, 2000); „Св. Климент Охридски“ (Охрид, 2000 и 2012); „Гран-при на Европа“ (Куртеа де Аргеш, Романија, 2009); „Златна есен – Сергеј Есенин“ (Москва, Русија, 2012); „Ацо Шопов“ (Скопје, 2016); „Антево перо“ (Скопје, 2018). (И. Џ.)