македонски поет, преведувач и есеист. Вонредно талентиран и еден од нашите најафирмирани автори во странство. Пишува поезија која одговара на една нова чувствителност, поезија која ги носи во себе одликите на сегашниот миг, и која кореспондира со сфаќањето за поетичното што го поседуваат новите генерации (Урошевиќ, 2015). Важи за урбан поет кој поседува извонреден сенс за нијанси и полутонови; неговата поезија е тивка, дискретна, ненаметлива, но мошне впечатлива и моќна. Тоа е поезија „за копнежот по нештата, за трајното и минливото“ (Г. Господинов), за чувството на несигурност во нашиот свет во кој сите нешта страдаат од непостојаност. Еден од ретките поети кои одново веруваат во маѓепсувачката моќ на сликата; во тој поглед, „неговите песни се како слики на експресионист“ (Загајевски 2010: 14), свежи, неочекувани и оригинални, со еден култивиран, интелектуализиран и исклучителен поетски израз.
Роден е во Струмица, каде што и денес живее и твори. Во родниот град завршил гимназија, а студирал на Економскиот факултет во Скопје. Основач и главен уредник на македонското хаику списание Мравка; бил и уредник за поезија во електронското списание Блесок. Член е на Mакедонскиот ПЕН центар. Маџиров е македонски коoрдинатор на светската поетска мрежа „Лириклајн“ со седиште во Берлин и македонски претставник на Поетската олимпијада „Поетски Парнас“ во Лондон (2012). Според стиховите на Маџиров, американскиот авангарден џез-композитор Оливер Лејк, соработник на Бјорк и Лу Рид, компонирал неколку џез-композиции кои заеднички се изведени на „Џез-поетри концерт“ во 2008 г. во Питсбург, САД. Учесник е на над стотина меѓународни книжевни фестивали. Неговата поезија е преведена на повеќе од триесет јазици и објавувана во списанија и антологии во Европа и ширум светот. Активно се занимава со превод од: англиски, бугарски, српски и хрватски јазик.
Со поезија се јавува во деведесеттите години на минатиот век, како дел од генерацијата македонски автори родени во 70-тите, која го продолжува големиот творечки скок на нашата литература и придонесува за нејзина европска (и светска) афирмација. Веќе во својата прва објава, книгата стихови
Заклучени во градот (1999), Маџиров ги открива својот модерен сензибилитет и современ лирски исказ. „Иако во неговиот сензибилитет е доминантно лирското, тој се потврдува како мислечки поет и на една поблага критичка варијанта на постмодернизмот на неговите врсници“ – со право забележува Матеја Матевски (2010: 81). Според него, Маџиров е поет кој бара засолниште за својот човечки и творечки интегритет во светот, зашто светот е „музеј на исчезнувањето“ („Музеј“,
Преместен камен), па лирскиот субјект посакува да заспие „во кутија за кибритчиња“, а љубената – „во футрола од виолина“ („Секој ден светот“,
Преместен камен). Во името на тој засолн и одбрана, лирскиот субјект повикува да се отфрлат „чуварите на лажни вредности“ („Темното движење на твоето лице“,
Преместен камен). „Овој деклариран нонконформизам им дава нова содржина на доживеаното, запомнатото, виденото и поетот (иако е цитат, би го преправила: им дава нова содржина на доживеаното, запомнатото и виденото со кои...) го создава својот поредок на нештата. Тоа е стремеж кон согласје, склад, совршенство во несовршенството на овој свет“ – заклучува Матевски (2010: 82). Стожерното мотивско јадро околу кое, генерално, орбитираат стиховите на Маџиров, е
домот и неговите различни лица: дом кој се напушта, дом од кој се бега, дом надвор од просторот, дом во меѓупросторот, дом – каде било, дом – секогаш привремен, дом во кој се враќа (макар и преку сеќавањето), дом – цел свет... Алузијата за домот се осмислува низ призма на чувството на аутсајдерство, невдоменост или номадизам – како иманентен животен стил, кој ќе кулминира во збирката
Преместен камен (2007): „Веќе одамна никому не припаѓам / како паричка падната од работ на стара икона. (...) / Домот секој ден / под шаторот на светот тајно ми се менува“ – читаме во песната „Откривање“ (
Преместен камен). Според Елизабета Шелева, дури и урбаниот простор во оваа поезија е „простор на најдлабока лична бездомност“; се работи за еден симболичен и метаморфозиран простор на ниво на урбан егзистенцијализам во кој е фрлен постмодерниот лирски (анти)херој, па оттаму и аналогијата со „надреалната декириковска морничавост на модерните градови“ и „своевидните метафизики на улицата“ (Šeleva 2007: 201). Затоа градот е неопределен во стихозбирката
Во градот, некаде (2004), на пример, на што алудира и отсуството на реалните географски координати на градот кој е „некаде“, што ќе рече – „секаде“. Впрочем, како и домот, кој не е само место туку и состојба, и тоа состојба на
љубов, уште еден доминантен мотив во поезијата на Маџиров. Еве неколку антологиски стихови: „Ако немам тело / би се втурнал / во твојот џеб / да го поништам билетот / што те носи / во непознат правец“ („Ако немам тело“,
Заклучени во градот); „Те цртам / со чад во воздух / пред да се претвориш / во капки што некои / ги викаат дожд // и уживам / во краткотрајноста / на сите твои портрети“ („Портрети“,
Заклучени во градот); „Ветерот резбари врз твоето тело, / колебајќи се од киповите да ја / позајми совршеноста, или од тебе / совршен кип да направи“ („Тајни“,
Преместен камен).
Тематиката на домот постои и во неговата хаику поезија (Асфалт, но небо, 2003): „далеку е домот / единствен патоказ – / месечината“, гласи една хаику песна на Маџиров, објавена во списанието Мравка. Во оваа песна, во една оксиморонска спрега коегзистираат чувството на вдоменост и невдоменост (Шопов 2010: 25). Од друга страна, Маџиров, како хаику творец, го препознаваме и во основниот сензибилитет на целокупната негова поезија – во исклучителниот сенс за убавото и за најситните форми на постоењето, што претставува не само естетско доживување туку и етички став кон животот.
Добитник е на следниве награди: „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга (за Заклучени во градот, 1999), „Ацо Караманов“ (за Некаде никаде, 1999); на европската поетска награда „Хуберт Бурда“ за автори од Источна Европа и наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (кои ги добива за Преместен камен, 2007), потоа на „Шу Жимо силвер лиф““ – наградата за европска поезија на „Кингс колеџ“ во Кембриџ (2016), главната награда на Меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив (2019), како и Пекиншката награда на уметничката независна мрежа во Кина за современа светска поезија (2021). (Л. К. Д.)