СМАТРАКАЛЕВ, МИХАИЛ (ЖАРОВ, АНГЕЛ) (5.XII 1910, Серес – 16.IV 1998, Софија), македонски национален деец, поет, раскажувач, публицист, историограф, новинар, редактор на весници и списанија, еден од основоположниците на Македонскиот литературен кружок во Софија, член на ВМРО (Об.), почесен член на ДПМ.
Роден е во Серес, Егејска Македонија, во револуционерно семејство. По Балканските војни неговото семејство емигрира во Бугарија, каде што го поминал животот како адвокат и судија. Во 1931 г. станува член на ВМРО (Обединета), во 1932 г. станува член на ЦК на ВМРО (Об.), а во 1934 г. бил избран за секретар за агитација и пропаганда. Во тој период развива богата редакторска дејност како уредник на весниците: Македонско знаме, Македонски студентски лист, Македонска студентска трибина, Македонски вести, во кои објавил низа литературни и новинарски прилози под различни псевдоними. Во 1934 и 1935 г. ги редактирал нелегалните изданија „Македонска револуција“ и „Ножот“. Во 1938 г., заедно со Никола Јонков Вапцаров, Антон Попов и др., го формира Македонскиот литературен кружок. По ослободувањето ќе биде иницијатор за возобновување на МЛК под името „Никола Вапцаров“, кој ќе работи од 1945 до 1948 г. Бил и член на редакцијата на софискиот весник Литературна критика. По Втората светска војна Сматракалев изразил желба да дојде во Македонија и да ѝ помогне во развојот на младата држава, но во тоа време односот спрема него од страна на раководството бил резервиран. Во Бугарија, за време на Информбирото, ќе биде наклеветен како титоист. Дури во 1993 г. добил македонско државјанство и бил прогласен за почесен член на ДПМ. До крајот на својот живот ѝ останал верен на македонската кауза. Бил кремиран како бројни анонимни сиромашни бугарски граѓани, бидејќи неговото семејство немало доволно пари да му купи гробно место на софиските гробишта.
Во 1932 г. ги објавува својот прв расказ „Дедо Петко Кавалот“, под псевдонимот Ангел Жаров во софискиот весник
Тракиска трибина, и песната „Водачи и народ“, во софискиот весник
Пладне под псевдонимот М. Рудин. Во периодот 1935/1936 г. во софискиот весник
Македонски вести, каде што бил и уредник, под псевдонимот Ангел Жаров ги објавува песните: „Татковина“, „Народни неволи“, „Робинка“, „Кон татковината“, „Заседа“, „Мечти“ и расказите „Крајот на палјачо“, „Андарти“ и др. новинарски и рецензентски прилози. Во 1935 г. под псевдонимот Ангел Жаров ја објавува својата прва стихозбирка
Бура над татковината како авторско издание што се продавало за десет лева на адресата на Б. Иванов (М. Иванов е негов псевдоним под кој објавувал статии и протести од името на македонската студентска група во 1931 – 1934 г. и во сп.
Литературна критика во 1941 г.). Во 1939 г. на конкурсот на МЛК ќе се јави со стихотворбата „На туѓина“, а Вапцаров со „Земја“ – често посочувани стихови од страна на критиката кои сведочат за односот на македонските емигранти во Бугарија спрема татковината. Сматракалев е автор на првата рецензија за стихозбирката
Моторни песни на Вапцаров, објавена во весникот
Зора на 4.5.1940 г. Во повоениот период, во весникот
Доброволец што го уредувал Ангел Динев, објавува биографии за истакнати македонски револуционери, а во весникот
Македонско знаме ги објавува песната „Крај Егејот“ и книжевно-историскиот прилог „85 г. од смртта на браќата Миладиновци“ (1946). Тој е еден од приредувачите на поетскиот зборник
Татковина – стихови и песни за Македонија објавен во Софија во 1951 г. Во 1960 г., како почесен член на Сојузот на научните работници, во „Научен живот“ објавува повеќе стручни прилози.
Сматракалев, иако пишувал на бугарски јазик, е значаен за македонската книжевна историја затоа што ја внесува македонската тематика во литературата меѓу двете светски војни. Од тие причини „тој е премолчуван, безмалку негиран и не постои во тековите на бугарската литература“ (Тоциновски 1994: 378). (Ј. М. Г.)