НЕДЕЛКОВСКИ, КОЛЕ (НЕДЕЛКОВ КРСТЕВ НИКОЛА) (16.XII 1912, с. Војница, Велешко – 2.VIII 1941, Софија) поет и комунист, член на Македонскиот литературен кружок во Софија.
Основно училиште завршил во родното село, потоа се запишал во гимназија во Велес. Во родното село често се дружел со својот стрико, поетот Милан Војницалија, кој извршил „пресудна улога во определувањето на младиот Коле за литературната и револуционерната дејност“ (Тоциновски 1997: 21). Веќе од 1924 г. постојано бил во друштво на револуционерите Панко Брашнаров и Диме Мирчев и со нив во Велес активно учествувал во работата на УРС-овите синдикати. Поради немаштијата бил принуден да го напушти школувањето и да замине да го учи молерскиот занает во Скопје. Таму го продлабочува својот интерес кон поезијата, негувајќи револуционерни идеи преку членувањето во Културно просветното друштво „Абрашевиќ“ и „Македонската младинска револуционерна организација“. Во потрага по подобар живот, од Скопје преку Атина емигрирал во Софија во 1931 г. Таму формира своја молерска задруга и продолжува да пишува поезија, да се залага за афирмација на македонскиот јазик и да се занимава со револуционерна дејност. Своите заложби ги остварувал преку дружбата со напредни литературни дејци (В. Марковски, Н. Ј. Вапцаров, А. Попов, М. Сматракалев) во Македонскиот литературен кружок (1939 – 1941). Членувал и во диверзантската група „Млади антифашистички борци“ во Софија, каде што по низа диверзантски акции бил откриен од страна на полицијата и ликвидиран. За неговиот последен ден сведочат исказите на Волче Наумчески, според кој ноќта на 2 септември 1941 г. кога полицијата ја блокирала мансардата во која живеел Неделковски, тој ги уништил сите компромитирачки материјали и им давал вооружен отпор на прогонителите, а кога веќе му немало спас, се фрлил од прозорецот на тротоарот. По Втората светска војна на местото од настанот била поставена спомен-плоча која подоцна исчезнала.
Неделковски пишувал поезија на македонски јазик од својата единаесетта година (1923). Во 1938 г. ја објавува својата прва песна „Стојан војвода“ во сп. на Илинденската емигрантска организација во Бугарија –
Илустрација Илинден, во
кое (стихозбирката
Молскавици, 1940) е преобјавена под насловот „Стојан на Ордановци“. Оваа револуционерна лирска песна, како и останатите шеснаесет од
стихозбирката Молскавици, ги посветува на мајка си – метафорично претставена како инкарнација на поробената татковина. Негови песни се објавени и во зборникот
Илинден 1903. Втората негова поетска книга
Пеш по светот (прв дел) излегува дваесетина дена пред неговата смрт. За жал, вториот дел од збирката не е пронајден. Неговата песна „Глас од Македонија“ се смета за една од најреволуционерните песни во македонската книжевност затоа што во неа со длабока емоционална експресивност, отворено и недвосмислено се посочува единствениот пат по кој треба да чекори македонскиот народ за да може конечно да ја добие својата независност.
Коле Неделковски има значајно место во континуитетот на македонската поезија пишувана на родниот јазик во предвоениот период, бидејќи, како што истакнува Б. Ристовски, „неговата збирка Молскавици излегува речиси истовремено со Рациновите Бели мугри и непосредно пред појавата на Моторни песни на Вапцаров“ (Ристовски 1985: 10). Пред нив биле отпечатени збирките поезија Народни бигори (1938) на Венко Марковски и Иди пролет (1939) на Волче Наумчески, кои несомнено извршиле влијание врз неговиот лирски израз. (Ј. М.- Г.)