ПОПОВ (НИКОЛОВ) АНТОН (20.X 1915, с. Игуменец, Петричко – 23.VII 1942, Софија) е македонски поет, прозен писател, публицист, еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.
Основно образование завршил во родното село, потоа продолжил да се школува во гимназијата во Самоков. Поради учеството во ученички марксистички кружок бил исклучен од гимназијата и бил принуден да го продолжи средното образование во Неврокоп, каде и матурирал во 1933 г. Потоа, неколку години бил учител во родната Гега. Во 1936 г. се запишал во Државното високо училиште за финансии и административни науки во Софија, а есента 1937 г. станал чиновник во Софиската општина. Во Софија работел и како новинар во весниците Зора и Виножито. Попов е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок, формиран во 1938 г., и еден од неговите најактивни членови. На почетокот на мај 1941 г. е мобилизиран. По нападот на Германија врз СССР, заедно со Никола Вапцаров стануваат членови на Воениот центар при ЦК на БКП. Набрзо по апсењето на Вапцаров, бил уапсен и Антон Попов. Биле осудени на смрт и стрелани. Неговите предци, со поколенија наназад, како и тој самиот, ги положиле животите за слободна Македонија. Во негова чест, Петричкиот партизански одред, формиран на 24 мај 1944 г., го добил неговото име.
Од неговото мало по обем, но жанровски разновидно творештво, зачувани се: дваесетина песни („Вечност“, „Умира сонцето а никој глава да наведне“, „Години“ и др.), неколку поеми („Слушај фронт“, „22 јуни“), повеќе кратки раскази („Справедливост“, „Заклетва“, „Си простиле“ и др.), четиринаесет репортажи („Попатни белешки и размислувања“, „Таму каде што се слуша одекот од топовските пукотници по албанските планини“ и др.), дневник и неколку статии („Од ‘Бура над родината‘ до ‘Чудна е Македонија‘“, „Патот на развитокот на еден поет“ и др.). Некои од песните и поемите биле отпечатени постхумно во весниците Македонско знаме и Пиринско дело. Репортажите ги објавувал додека бил жив во двата весника каде што работел и во сп. Литературна критика и Кооперативна заштита, додека расказите ги публикувал во Весник на жената, Кооперативна заштита и во сп. Венец. Од севкупното литературно творештво на Попов највпечатливи се репортажите: „Градот што умира“ (посветена на Мелник), „Пазар за левче“ (со социјална тематика), „Кој краде недосонувани детски соништа“, „Болките на нашите Јужнаци“ и „Од репортажи за тутуноберачите“ (со мотиви од експлоатацијата на производителите на тутун) и други. Попов се јавува и како автор на кратките раскази: „Справедливост“ (во кој се раскажува за добрината и совесното постапување на главниот јунак Трено Волкот спрема неговата посвоена ќерка), „Заклетва“ (во кој се разрешува моралната дилема на јунакот кој лажно се заколнал во судот), „Си простиле“ и „Бабалак“ (во кои се обработуваат прашања од селското секојдневие со одредена доза на хумор). Во неговите раскази препознаваме стремеж кон хумано, чесно и возвишено суштествување на јунаците, чии прототипови се земени од реалниот живот на измачениот македонски народ, кому му е посветено и целото негово творештво. Истите животни приказни и роднокрајниот пејзаж се опеани и во лириката создавана во последниот период од неговиот живот. Во песната „Си ја сонив родната земја“ дава прецизен географски и историски опис на својата татковина погледната одозгора, од прелетот со авион над неа, по синото пространство на небото. Љубовта спрема татковината ја преточува во емотивни стихови во двете негови песни: „Љубов“ (каде метафорично ја претставува татковината како тивко и малечко нежно моме) и „Песна за Струма“ (посветена на убавините на реката Струма). Тешкиот животен пат и невремето во кое живеел не го обесхрабруваат младиот интелектуалец во напорите да се избори за подобро утре на својата земја, што се согледува во стиховите на песните: „Мрачни денови“ (која претставува повик за заедничка борба за создавање на идниот нов свет), „Две милијарди“ (преку која ја промовира идејата за создавање на единствена раса луѓе кои ќе ја сочинуваат новата епоха на социјализмот), „По бурата“ (во која впечатливо е опеана судбината на откорнатикот од родниот крај) и кратката песна „Вера“ (каде револуционерниот дух е споредуван со белиот голем галеб кој слетува од далечната земја).
Михаил Сматракалев, неговиот близок соработник, ја објавил книгата Избраните творби од Антон Панов на бугарски јазик дури во 1960 г., која била распродадена (или повлечена од продажба, според М. Друговац 1990: 210) уште истиот ден кога била објавена. Одбраните творби на Антон Попов на македонски јазик излегуваат дури во 1985 г., во избор и превод на Гане Тодоровски, преку кои македонскиот читател имал можност директно да се запознае со творештвото на еден „вдахновен наратор и репортер со изострена опсерваторска моќ и со култивиран творечки израз“ (Тодоровски 2008: 552). (Ј. М.-Г.)