Одиграл значајна улога во музичкото описменување на црковните певци, неговата оставина е богата со музички композиции од областа на црковното пеење, ги поставил темелите на македонската музикологија.
Учител, прв мелограф на македонската народна песна, автор на две книги, општественик, близок соработник на својот брат Димитар Миладинов - патувал со него, собирале стари ракописи и земал учество во општествените и во културните преродбенски процеси во Македонија.
Основното образование го завршил во Струга. Средното образование го стекнал во гимназијата во Јанина. За неговото образование постојат повеќе претпоставки, но една по која се водат повеќето е дека на една приредба настапил со музичка нумера пред јанинскиот митрополит, кој воодушевен од неговите способности предложил Наум да биде пратен на школување на Духовна академија во Халки крај Цариград (1841 – 1844). Во 1843 г. ги напишал книгите, т.е. првиот македонски музички учебник (според теоријата на Хризант) Увод во теоретиката на црковната музика и Увод во граматиката на грчкиот јазик (која останала во ракопис). Се вратил во Струга каде што работел како учител и како музички педагог. Негови ученици биле Ѓорѓи Икономов и Калистрат (Крстан) Санџакоски. Активно зел учество во собирањето на народните умотворби. Го придружувал својот брат Димитар во обиколката низ Македонија, која траела околу 5 месеци (собирале стари пари, златни и сребрени монети, стари ракописи). Наум го придружувал Димитар и за време на неговиот престој во Кукуш. Учествувал и во подготовката за објавувањето на Зборникот на народни умотворби од браќата Миладиновци, нотирал 11 ороводни (хорски) песни. За жал, овие песни ниту влегле во зборникот, ниту се пронајдени нивните ракописи. Прашањето зошто Наум ги повлекол своите песни е сè уште отворено. По Берлинскиот конгрес (1878) се преселил во Бугарија, каде останал до својата смрт.
Наум Миладинов одиграл значајна улога во музичкото описменување на црковните певци. Неговата оставина е богата со музички композиции од областа на црковното пеење, ги поставил темелите на македонската музикологија, го напишал првиот учебник по нотно пеење, формирал училиште за изучување на музичката писменост, прв почнал да мелографира и прв ја афирмирал виолината како музички инструмент во Охридско-струшкиот регион. Наум Миладинов освен што се занимавал со музичката дејност, која му била приоритетна, направил обид и во литературната дејност со своите Спомени.
Спомените се од особено значење за проследување и на неговата биографија и на биографијата на неговите браќа Димитар и Константин Миладинови. Гане Тодоровски наведува неколку пунктови на кои треба да се обрне внимание: датумот на раѓање на Константин; кукушкиот период од животот на Димитар, кој е раскажан со многу детали; врската на Димитар со Италијанецот Жеки Амборт од Солун, кој бил влијателна личност и кој одиграл бележита улога како морален и материјален закрилник на Димитар; епизодата за спријателувањето на Константин со проф. Пападопулус; акцијата за собирање народни умотворби во која биле вклучени тројцата браќа и која е подробно проследена; средбата помеѓу Ѓорѓи Динков и Димитар во Воден; затворањето на Димитар, кое е детално опишано; трите посети на Наум додека Димитар бил во битолскиот затвор итн. За жал, овој вреден материјал кој може да ни даде одговор на некои прашања поврзани со Наум Миладинов, како на пр. зошто ги повлекол своите песни откако му бил сменет насловот на зборникот, и воедно кој е вреден извор за следот на македонскиот културно-просветен и национален развој – не е публикуван.