Македонски раскажувач и драмски автор. Како прозаист и драматург го негува историцистичкиот поглед на светот, портретирајќи го рационалистичкиот субјект во обид за еманципација на позицијата на поединецот, граѓанинот, уметникот или на заедницата.
Темите од родниот Охрид и охридското поднебје наоѓаат видлив одраз во целокупното творештво на Точко, поаѓајќи од неговата зрела творечка фаза, сѐ до неговите први раскажувачки обиди уште од школските денови во основното училиште во родниот Охрид, а потоа и како гимназијалец во Гимназијата во Битола, кога ја одбрал книжевноста како своја животна определба. По завршувањето на средното образование запишал правни студии во Белград (1934), кои ги завршил во Софија (1942), каде што дипломирал уште и на отсекот за режија при тамошната Театарска академија (1944). По враќањето во Македонија (1944) се вклучил во новинарската дејност како уредник во првата редакција на весникот Нова Македонија. Бил член на редакцијата на првото македонско списание за литература Нов ден (1946 – 1947). Точко влегува и во редот на седумтемина членови и основачи на Друштвото на писателите на Македонија. Раководел со Литературно-театарското одделение при радиослужбата во Македонија. Бил началник на Одделението за култура и уметност при Министерството за просвета на НР Македонија. Работел и во комисијата за кинематографија на Владата на НР Македонија, потоа и како библиотекар во Градската библиотека во Скопје. Дал значаен придонес и во развивањето на издавачката дејност на Матицата на иселениците на Македонија, каде што го минал најголемиот дел од својот работен век (1953 – 1970).
Како книжевник дебитира со објавата на расказот „Нашиот поет“ (1933) на страниците на сп. Јужна стража, во кое во текот на истата година ги објавил и расказите „Во пролет“ и „Од дневникот на еден поет“ напишани на српско-хрватски јазик. Како негово прво позначајно книжевно остварување се смета расказот „Бојана“ (1935), објавен во софискиот весник Литературен глас на бугарски јазик. „Јон“(1945) е неговиот прв објавен расказ на македонски јазик публикуван во првиот број на сп. Нов ден.
Интересот кон темите од локалното милје, што е карактеристичен за почетната творечка фаза во која спаѓа првообјавената збирка раскази Бојана (1953), заедно со збирките Акорди (1956) и Прстен (1959), добива поширок и универзализирачки тон со воведувањето на актуелни теми (печалбарството, современоста, родовите прашања итн.) кои ја обележуваат втората етапа од неговото книжевно зреење. Тематското осовременување на расказноста, заедно со елиптичноста во изразот како општи карактеристики на оваа творечка фаза кај Точко, води кон поголема доследност во организирањето на расказната целина во која се пресретнуваат и вкрстуваат постапките на раскажување и опишување. Доколку инклинирањето кон наративноста го поттикнува ефектот на т.н. пресоздадена реалност, тогаш поголемата упатеност кон дескриптивноста води кон поголемо сегментирање на стварноста кое кулминира како романтичарски восклик со нагласен сентиментализам, каков што е тоа случајот со лирско-прозните минијатури и новелети објавени под насловите Вино за душите (1968) и Грев (1972).
Осврнувајќи се кон прозното дело на Иван Точко, Миодраг Друговац ќе го определи неговиот расказен опус како „една од нужните етапи на нашата литература во постојаниот, сè подинамичен развој кон повисоки, кон посложени, кон помодерни зафати и облици на траење“ (Друговац 1968: 209). Ваквата градација го воведува раскажувачкото искуство на Точко во сферата на поширокиот уметнички дискурс кој се раководи според односот дијалог – нарација својствен за книжевниот идентитет на подоцнежните дела: Плуто (1972), Под Акропол (1973) и Робинка (1973), кои го сочинуваат драмскиот пејзаж овоплотен под насловот Охридска трилогија (1974). Во однос на прашањето за вреднувањето на драмскиот опус на Точко, Конески ќе го истакне следново: „Иван Точко е роден раскажувач, и тој пред сѐ како раскажувач ќе остане крупна појава во македонската литература. И неговите драми не ќе можеме, ми се чини, да ги оцениме како што треба, ако ги изделиме од поширокиот контекст на неговата раскажувачка проза и од она што е нејзина доминантна карактеристика“ (Конески 1971: 11). Сумирајќи го своето читателско искуство, Друговац ќе сподели дека „[н]и како раскажувач ни како драмски писател Точко не можел да постапи спротивно на својата животна филозофија и творечка ориентација. [...] Читајќи ги неговите раскази и драмите, може да се добие впечаток дека нив ги пишувал човек кој рационално се движел по патеките на една, во суштина антирационалистичка поетика, истакнувајќи ги штедро во прв план душевните, меките, па и сентименталните сензации како свои првични, како најсвои, како најдоминантни обележја на својот литературен курс“ (Друговац 1979: 104). Она што го модулира тонот во книжевниот опус на Точко е потрагата по животната вистина осмислена во духот на раскажувачкиот традиционализам кој се интересира за содржината на локалниот контекст во кој се одвива социјалниот и општествениот живот на руралната и на урбаната средина. (Д. А.)