Поет и прозаист, роден во Македонија, кој поголемиот дел од својот живот го минал во Бугарија. Пишувал на македонски (ресенски говор) и на бугарски јазик. Роден е во Ресен во 1903 г. По смртта на татко си, во текот на Балканските војни, како десетгодишник, во 1913 г. тргнува со колона бегалци кои се упатуваат во емиграција. Неговата мајка останала во Ресен, каде што набргу починала, а за неговиот живот во периодот од поаѓањето во емиграција, па до крајот на Првата светска војна не постојат информации. Во 1921 г. е сместен во Добруџанскиот ученички пансион во Варна, Бугарија, каде што во тоа време се наоѓале и други млади бегалци од Македонија. Се запишал на Трговската академија во Варна, но набргу, поради тешките услови во кои живеел, се разболел од туберкулоза и го прекинал образованието. Потоа заминал за Софија, каде што зел активно учество во работата на Македонскиот младински сојуз. Свесен дека битката за своето осамостојување македонскиот народ мора да ја понесе сам, во својот ламент „Кон македонската Голгота“ Димитар Миленски запишал: „Еден малечок народ, беспримерен по својот хероизам, потопен во својот национален фанатизам, води жестока борба за слободен човечки живот. И таа борба не е од денеска и од вчера – долги години, десетлетија таа го движи кон живот и смрт цел еден народ што ја издигнал до култ личната саможртва“ (во: Родина, 3, 20, 1929, стр. 5; цитирано според Ристовски 1982, Том II: 115). Иако тешко болен, Миленски и последните години од својот живот ги минува во посветеност на активностите на македонската емиграција. Умира од туберкулоза во Софија, во 1931 г.
Првите поетски пројави на Димитар Миленски се публикувани во 1919 г. Во текот на животот, во 1923 г., Димитар Миленски ја публикува стихозбирката Безѕвездени ноќи во Варна на бугарски јазик. Ги објавува и песните напишани на ресенски говор: „Дуна ветер“ (објавена во списанието „Епоха“ бр. 4, Софија, 1925), „Прво љубе“ (во списанието „Родина“ бр. 1, Софија, 1927), „Пеј ми, сестро“ („Родина“ бр. 1, Софија, 1927) и „Ќе дочекам“ („Родина“ бр. 2, Софија, 1927).
Анализирајќи ја поетиката на Миленски, Томислав Тодоровски ги посочува оригиналноста на овој автор и неговиот стремеж да оствари „индивидуализиран исказ, ослободен од интонациско-ритмичките влијанија на народната, но и од версификаторските шеми на бугарската поезија“ (Тодоровски 2008: 478). Вкупниот опус на Миленски опфаќа над седумдесет песни (четири од нив се напишани на македонски јазик), четири раскази, неколку прикази и лирска проза. Дел од неговото творештво е објавено на турски, француски и германски јазик. Осврнувајќи се на опусот на Димитар Миленски, Блаже Ристовски пишува: „И додека сите четири негови раскази идејно и содржински се поврзани со судбината на татковината и положбата на народот и емиграцијата, неговата поезија е составена од две основни компоненти: патриотизмот на македонскиот емигрант и возвишената љубов на осамениот поет, осенчени со безизлезноста на во тоа време неизлечива болест“ (Ристовски 1982, Том II: 114). (Д. А.)