Поет, претставник на македонската интелигенција која меѓу двете светски војни ја носи идејата за ослободување и за поетско творење на македонски јазик. Внук на Григор Прличев, од ќерката Деспина. Роден е во Охрид во 1916 г., каде го завршува основното образование. Гимназија завршува во Крагуевац, каде што престојува во интернатот на учениците од Македонија меѓу кои живеела идејата за слободна Македонија. По матурирањето се запишал на Правниот факултет во Белград. Во тоа време, во 1936 г., станува еден од основачите на Македонското студентско друштво „Вардар“ во Белград, основано по углед на истоименото друштво од Загреб, со чие гласило, Наш весник, соработувал. По дипломирањето, Попсимов започнал да работи на докторски труд од областа на правните науки, но заради неговата политичко-национална активност е затворен во 1940 г. Неговата казна затвор завршува во времето кога фашистичката окупација веќе е спроведена, па тој се враќа во Охрид. Потоа заминува за Софија, каде што останува до крајот на својот живот.
Своите поетски обиди Христо Попсимов пред Втората светска војна ги објавува во сп. Јужни преглед од 3.11.1937 (песната „Рибари“, на српски јазик), Луч (15.12.1937: „Борба“ и „Нашиот народ“ на македонски јазик; 20.05.1938: „Ноктурно“ и „О, како ноќва гори вселената“ на српски јазик) и Наш весник (30.03.1937: „Весникарче“, на македонски јазик). И по заминувањето за Бугарија, Попсимов продолжува да пишува на македонски јазик. Меѓу 1944 и 1948 г. Попсимов напишал десет стихозбирки на македонски јазик – Мојот град, Иднини, Сонети, Сатурналии, Бледите вселени, Мртвите лисје, Љубов и дух, Облаци и сенки, Чувства од предисподњата и Мигови во просторот. Во 1967 г., во издание на „Македонска книга“ од Скопје, излегува од печат избор од неговата поезија под наслов Траги. Во 1968 г., во издание на „Култура“, излегува стихозбирката Изгревите тлеат и во 1969 г. излегува од печат книгата Стихови во издание на „Мисла“. Во 1980 г. во Бугарија ја објавува својата последна стихозбирка Патишта, времиња напишана на бугарски јазик.
До Втората светска војна творештвото на Христо Попсимов е создавано на македонски и на српски јазик, а по преселувањето во Бугарија – на македонски и на бугарски јазик. По Втората светска војна Попсимов се обидел да стане дел од бугарската литературна сцена, но затоа што и натаму пишувал на македонски, останал настрана од литературните кругови. Подоцна, кога тие песни се објавени во три збирки во Македонија, дваесет и повеќе години од настанувањето, не побудуваат поголем интерес меѓу критиката со оглед на тоа што станува збор за поетика која е карактеристична за едно друго време, за периодот во кој биле напишани, за што е свесен и самиот Попсимов, кој, кога ја пишува уводната забелешка за еден од изборите, запишал: „Во песните треба да се бараат стилските особености и границите на нивното време“. Толкувајќи ги особеностите на поезијата на Попсимов, Блаже Ристовски вели: „И додека во поезијата на Попсимов од пред Војната претежнува револуционерниот поттекст и социјалниот патос, во стиховите непосредно по Војната се чувствува посилно пробивот на еден вид интелектуална поезија со хумани и космички компоненти“ (Ристовски 1980 1: 228). (Д. А.)