Поет, журналист, член на Комунистичката партија на Франција, на ВМРО (Обединета) и интербригадист во Шпанската граѓанска војна. Роден е во 1900 г. во богато трговско семејство. Неговиот татко, сакајќи колку што може да придонесе во афирмирањето на убавините и културните богатства на сопствената земја, се занимавал со објавување разгледници од македонски градови. Ганчо Хаџипанзов уште како дете пројавува интерес за општествените превирања и промени – неговите сеќавања за 1908 г. се врзани со детската љубопитност што му ја предизвикале гласините за Младотурската револуција. Откако завршува основно училиште, се запишува во велешката Гимназија. Дел од професорите во Гимназијата биле синдикални активисти со револуционерни идеи, и под нивно влијание младиот Хаџипанзов стапил во контакт со прогресивните социјалистички идеи, кои своето тежиште го имаат во еднаквоста, правдата и слободата. Во 1912 г., заедно со другите напредни ученици од гимназиите во Македонија, на кои им се приклучила и македонската интелигенција, Хаџипанзов учествувал во протестите кои се организирале против обидите на Егзархијата да донесе бугарски учители во Македонија. Две години подоцна, во 1914 г., тој станува член на марксистичката револуционерна група која делува во рамките на велешката Гимназија, каде што се одвиваат читања на марксистичка литература и дискусии на комунистичките постулати. Поради својата напредна дејност е исклучен од велешката Гимназија. Во 1918 и 1919 г. престојува во Солун и Софија, каде што стапува во контакт со тамошните марксистички кружоци. Откако во Велес учествува во организирањето на општонародните протести против власта, во 1920 г. зема учество во предизборната кампања на КПЈ за општинските избори. Таа година, заедно со Бане Андреев, Никола Оровчанец и Ѓорѓи Шоптрајанов, го основа литературно-уметничкото друштво „Нада“. Заедно со нив и со други комунисти од Велес го основа весникот Искра, кој излегува на велешки дијалект. Во 1923 г. илегално ја преминува бугарската граница со надеж дека ќе студира новинарство во Софија, но, не можејќи да ја исполни својата желба, работи како работник на пристаништето во Бургас. Во 1924 г. пристигнува во Париз, и таму станува член на Комунистичката партија на Франција. Воедно се вклучува и во активностите на македонската емиграција и станува член на ВМРО (Обединета), како и на Македонската народна федеративна група. Во Париз, за да се издржува, преку ден работел како градежен работник, а навечер посетувал синдикално училиште за странци. Во тој период станува еден од активните учесници за излегувањето на емигрантскиот весник Рад. Учествува во организирањето на митинзи и протести низ цела Франција, а во 1936 г. се пријавува како доброволец во Првата интернационална бригада во Шпанската граѓанска војна. Гине истата година, на бојното поле кај Каса дел Кампо.
Во текот на дванаесетте години минати во Париз, Ганчо Хаџипанзов пишувал поезија и на македонски и на француски јазик. За жал, од сето негово творештво зачуван е само мал дел, и тоа оној кој е напишан на француски јазик. Тоа се песните „Детството на еден град“, „Сирени“, „Бал на вентилаторите“, „Поема за родниот град“ и „Алказар“, како и поемата „Ќе се вратам“.
Во неговото поетско творештво видливо е влијанието на современите текови на европската поезија од првата половина на векот, и во неговите поетички преокупации воочливо е испреплетувањето на повеќе книжевни правци од тој период, како и силниот израз на неговиот космополитски дух. За неговото творештво и духовен развој од особено значење било пријателството со големиот хуманист и автор Анри Барбис, со кого се запознал откако ја прочитал неговата книга Џелати, во која се опишани злосторствата кои ги трпи македонскиот народ во борбата за слобода. (Д. А.)