поет за деца. Toj e еден од авторите на првиот Буквар на македонски јазик. Припадник е на првата генерација современи македонски писатели за деца. Неговиот поетски опус е мошне обемен: тој е автор на дваесетина стихозбирки за деца со различна тематика. Објавил и неколку збирки поезија за предучилишна возраст, како и поеми, а дал значаен придонес и кон популаризацијата на стрипот.
Работел како уредник во Редакцијата „Детска радост“ и во „Македонска книга“, а потоа како уредник на првите списанија за деца: Пионер, Титов пионер, Пионерски весник и Наш свет. Бил член на ДПМ (од 1949).
Куноски заедно со Славко Јаневски, Ванчо Николески и Борис Бојаџиски се основоположниците на македонската литература за деца. Со тоа Куноски е еден од столбовите не само на овој вид литература туку и на современата македонска поезија. Поезијата на Куноски произлегува од народната поезија, а има влијание и поезијата на Јован Јовановиќ – Змај. Тематски, неговите дела се посветени на минатото, зборуваат за борбата на македонскиот народ за национална слобода, за природата, како и за животот во слобода, за младинските работни акции и за современоста. Децата, нивната хуманост, преокупации, снаоѓање со настаните кои им се случуваат и нивниот светоглед, верување и љубов се најчестиот мотив кај Куноски. Неговата поезија најчесто е ентузијастичка, декламаторска и претежно поминува низ филтерот на субјективната авторова емоција, хумор и оптимистичка перспектива. Куноски го негува тонот на блиско обраќање кон детето секогаш почитувајќи ја и уважувајќи ја неговата личност, а при прикажувањето на настаните склон е кон идеализирање на стварноста со воспитно-поучна и естетска компонента.
Куноски на книжевната сцена дебитира со првата збирка стихови
Волшебното ливче (1950), инспириран од деновите по ослободувањето на земјата. Следуваат книгите песни
Гатанки и прашанки, во коавторство со Ванчо Николески (1951), поемата
Белиот гостин (1952),
Песни (1953) и
Каде е клучето (загатки, 1955), во која има залагалки и брзозборки, со што Куноски ја покажува приврзаноста кон традицијата. Во овие први збирки Куноски внесува теми од својата генерација и време, од една страна го опева воодушевувањето на младите од новата стварност, поттикнувајќи ги на реализирање на вековните идеали (
Волшебното ливче, 1950), а од друга, во фокусот го става детето во миговите кога тоа им се препушта на радостите на животот и на фантастичното
(Белиот гостин, 1952), кога се забораваат грижите и неволите, а детето и возрасниот се чувствуваат големи и радосни (
Песни, 1953)
. Мотивите се разновидни: од рустикални (
Волшебното ливче, 1950) преку поезија проткаена со хумор, чии стихови се блиски на современото дете и ја разгоруваат неговата игра и фантастичниот свет на сонот и јавето (
Белиот гостин, 1952;
Песни, 1953) до дидактички (
Гатанки и прашанки, 1951) и народни мотиви (
Каде е клучето, 1955). Тука Куноски е конвенционален и распеан, стиховите се кратки, изработени од еден, два или три збора, со рими проткаени со хумор.
Куноски кон крајот на педесеттите години на 20. век го направил преминот од почетнички поетски обиди кон посериозни поетски творби. По тонот, атмосферата и сензибилноста, тоа е и поезија со глас на современо обраќање и отворање кон детето, спој помеѓу можното и неможното, која поетски и ликовно компактно е срасната и остварена, и преку хуморот се транспонираат во лирски и дидактички набој. Со збирката Вредна рака црта вака (1956) Куноски ја напушта дотогашната поетика (песната не е веќе говор за децата, туку говор на децата за себе) и се отвора кон детето и неговата игра; го опева светот и природата во хумористичен тон (Ѓерданче, 1956; Зајче без опавче, 1957; Страшно, пострашно и најстрашно, 1963); ја опева хуманоста на децата, тагата од разделбата со родната земја (Светулки над тревите, 1964), како и нивната желбата да сведочат за себе и за своите преокупации (Ха-ха-ха и две-три ах, 1964). Во овие збирки доминираат поетските теми: љубовта спрема животот, светот, природата, животните, татковината, а меѓу рустикалните, дидактичките и народните мотиви, поезија за природата, поезија проткаена со хумор, поезија со родољубиви чувства, доминира поезијата со модерен детски сензибилитет чиј свет е од подрачјето на фантазмагоријата, често хумористичен, разигран, парадоксален и алегоричен, односно доминира мотивот на персонифицирани животни. Стиховите во песните ги промовираат животните како позитивни или негативни јунаци и ги најавуваат т.н. басни во стихови, кои со својата алегоричност реализираат дидактичен ефект со кој не се намалува естетското во песните. Куноски, внесувајќи ја компонентата на детското, ироничното, наивното и шеговитото преку стиховите во песните, испраќа порака на повисоко естетско ниво кое одговара на интелектуалниот степен на современото дете. Со напуштањето на рустикалните мотиви и дидактиката, поетот ја покажува сета своја поетска моќ во книгата песни Претпразнични вечери (1960), каде доминира родољубиво-патриотскиот мотив, а темите говорат за слободата, народот и татковината („Земјо мила“) до оние што со глорификација одделуваат ликови на бесмртни борци на македонскиот народ („Дејгиди Гоце војвода“). Врв на поетовото пеење е збирката Тошо, Снешка и сто и една смешка (1970), ненадминлива во досетката и вицот, анегдотата, смелите игри на зборови и хуморот. Цврстата метафоричка форма, римата, благиот романтизам на мотивско-изразната структура, патетиката, спонтаната и мека наративност, тука е одликата на стихот преку кој Куноски им се приближува на децата за заедно со нив да се радува или да тагува, откривајќи им ги на тој начин законитостите на животот.
Поетиката на Куноски се засновува врз точна транскрипција на стварноста и основното нејзино обележје е свртеноста кон детството, како и емоционалната ангажираност.
Добитник е на неколку значајни награди и признанија: „13 Ноември“ (1963), „Младо поколење“ (1972) и „11 Октомври“ (1973), и двете за животно дело. (Б. Р. Н.)