писател, раскажувач, романсиер, преведувач, сценарист. Припадник е на втората генерација современи македонски писатели со обемен творечки опус: автор е на околу триесетина прозни дела со различна тематика. Тематски неговите дела се посветени на минато, зборуваат за селскиот живот на луѓето од преспанскиот крај, за судирот меѓу старото и новото, за печалбарството, потоа за човечката и народната судбина согледана во периодот по Балканските војни, меѓу двете светски војни и во текот на НОБ, како и за градот, за современоста, за животот во слобода. Тежиштен мотив се НОБ и Револуцијата, најчести се детството, човечката и народната егзистенција и психологијата на малиот човек, а доминантни се социјално-фолклорниот и печалбарскиот. Целиот творечки опус се одликува со потрага по врската меѓу воените метежи и современите збиднувања. Тоа е книжевност на блиско обраќање кон човекот, со реалистичко прикажување на стварноста на македонското поднебје и секојдневие, со морална, етичка, психолошка и национална компонента.
Работел како новинар во „Нова Македонија“, уредник во книгоиздателството „Кочо Рацин“ и „Наша книга“ и во филмската редакција при МРТВ. Бил прв претседател, а потоа и почесен претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, претседател на Македонскиот ПЕН центар.
Јовановски на книжевната сцена дебитира во жанрот на прозата со расказот „Случка во ноќта“ (1950), првата објавена книга му е збирката раскази
Јадреш (1956), во 1957 излегува првиот роман за возрасни
Хајка на пеперутките, а
во 1959 првиот роман за деца
Љуман арамијата. Во целокупното творештво се третираат идентични теми: детството, природата, војната, печалбарството, селско-земјоделскиот живот и човекот во сооднос со сите нив, а мотивите се разновидни. Како раскажувач Јовановски во фокусот ја става Преспа низ историските виори (НОБ и Револуцијата) и судбината и егзистенцијата на човекот и раскажува за: малиот човек од преспанскиот крај и за Преспа пред и за време на војната и окупацијата (
Јадреш, 1956), за своето детство, за градот сега и за аномалиите денес (
Мени на мојата месечина,
1959), за времето пред војната, по ослободувањето, сè до скопскиот земјотрес (
Првите човекови умирања, 1971
), за градскиот и селскиот живот (
Патот до осамата, 1978). Мотивите се разновидни: социјално-фолклорни и печалбарски
(Јадреш, 1956)
, евокација на детството (
Мени на мојата месечина, 1959). Дел од раскажувачката проза е со модерен сензибилитет чиј свет е човековата егзистенција
(Првите човекови умирања, 1971) д
о мотиви од урбанизирана средина и од селскиот живот (
Патот до осамата, 1978). Раскажувачката проза се карактеризира со спонтана емотивност и лирска егзалтација и е глас на традиционално обраќање кон човекот, чиј психолошки и социјален момент се актуализира преку проникнувањето во неговата психологија и селско-земјоделски живот, кој согледан во реалистички рамки е неделив од стварноста и секојдневието и се раскажува со емотивен и лирски занес. Опишувањето на настаните, судбините, личностите и амбиентот во кој тие се движат, прикажувањето на стварноста на македонското поднебје и секојдневие, и доближувањето на
фиктивното и имагинарното до секојдневните вистини го сочинуваат светот на расказите на Јовановски.
Како романсиер Јовановски е посветен на теми од подалечното и поблиското минатото на својот народ, но и на теми од современоста. Во романите за возрасни во фокусот ја става љубовта за родниот крај
и
корените на човечкото страдање, а мотивот е животната судбината на македонскиот човек
. Тематските преокупации се: градот и административно-бирократската материја (
Хајка на пеперутки,
1957), прв македонски хумористично-сатиричен роман; судбината на македонскиот народ под турското ропство, за време на Балканските војни, Првата светска војна, периодот меѓу двете војни, окупацијата и НОВ (
Слана во цутот на бадемите, 1965)[U1] ; егзистенцијалните распетија на македонскиот селанец по Балканските војни, со туѓи национални пропаганди и насилства, тегоба и
љубов за родниот крај (Земја и тегоба,
1968); релациите помеѓу единката и колективот, протагонистот и антагонистот на историските процеси како и дијалектичкиот судир на генерациско рамниште – татко и син тематски ја обработува во романот
Сведоци (1970), а ескалацијата на власта тематски ја третира во романот
Орловска долина (1979). Јовановски, инспириран од настаните од почетокот на дваесеттиот век, од времето на турското ропство го пишува романот за деца
Љуман арамијата (1959), каде во фокусот е судбината и егзистенцијата на човекот (без срце и душа зулумќарот Љуман). Романсиерската проза за возрасни и деца се карактеризира со емотивна искреност на доживувањето, со простосрдечноста на човековиот патос и со слика на животот на македонското село. Тука Јовановски е инвентивен, оригинален, покажува смисла за хумор и сатира, ја десхематизира техниката на црно-белото претставување на доброто и злото и се определува кон регионалното.
Јовановски и како раскажувач и како романсиер за возрасни и деца е традиционален реалист кој ги познава проседеите на психолошкиот реализам. Јазикот е свеж и лексички богат, изразот се наоѓа помеѓу класично-реалистичен и модерен, а присутен е и народниот изговор, фрази и лексика со специфичности на преспанскиот говор. Неговата проза врши преодничка улога во проникнувањето на читателот и во модернистичките литературни текови, што е доказ за длабокиот реализам на Јовановски – писател со жива историска меморија и прозаист со препознатлив национален естетички критериум. (Б. Р. Н.)
[U1]Хиперлинк Слана во цутот на бадемите