писател, раскажувач, романсиер и поет. Припадник е на втората генерација современи македонски писатели со богат творечки опус: десетина книги со различна тематика, остварени во различни жанрови. Тематски, неговите дела се посветени на минатото, зборуваат за војните, за татковината, за печалбарската судбина на луѓето од преспанскиот крај, за современоста, за животот во слобода. Најчест мотив е социјалниот и печалбарскиот, а доминантен е судбината и егзистенцијата на човекот. Тоа е книжевност на блиско обраќање, со реалистичко прикажување на стварноста и секојдневието со морална, психолошка, социјална и национална компонента.
Работел како новинар во Радио Скопје, во редакцијата на „Нова Македонија“ и во МРТВ Скопје, каде бил и уредник на драмската редакција. Член на ДПМ (од 1957).
Фотев на книжевната сцена дебитира во жанрот на прозата со расказот
Очи (1955), а првиот објавен роман е
Потомците[Ma1] на Кат (1966). Во целокупното творештво Фотев во фокусот ја става Преспа низ историските виори, иселеништвото, егзистенцијата на човекот и третира блиски теми: војната, печалбарството, жената, селскиот живот и човекот во сооднос со нив,
а мотивите се разнородни. Како раскажувач Фотев зборува за корените на човечкото страдање (
Очи, 1955), а мотивот е бесперспективноста. Раскажувачката проза се карактеризира со емотивност. Светот на кусиот расказ на Фотев го сочинува опишувањето на настаните низ кои човекот го доживува својот социјален премин.
Како романсиер Фотев е посветен на теми од поблиското минато, на теми од современоста, но и на еротската тема. Во романите тој во фокусот ја става човековата љубов за родниот крај и отпорот кон традиционално моралните норми, а мотивите се разновидни. Тематски преокупации се: душевните ломови на македонскиот селанец и печалбар за време на меѓувластието (периодот по пропаѓањето на кралската држава на почетокот од војната, пред доаѓањето на италијанскиот окупатор), (Потомците на Кат, 1966); проституираните и дехуманизирани односи за време на италијанскиот окупатор (Селани и војници, 1969), социјално-печалбарските импликации врз човекот во периодот по револуцијата (Големите скитачи, 1970), народното самоосвестување (Неплодна вода, 1978), љубовта спрема човекот и родниот крај (Вивариум, 2010). Мотивите се разновидни: човечкото самоуништување, сексуалното безумие (Потомците на Кат, 1966; Селани и војници, 1969), желбата за победа (Неплодна вода, 1978), човечкото битисување (Вивариум, 2010). Романсиерската проза се карактеризира со емотивна искреност на доживувањето, со потресна слика на расчовечувањето и на животот во македонското село. Тука Фотев е суптилен проникнувач во колективната и индивидуалната психологија, ја симнува пајажината од патријархалните норми, при раскажувањето употребува метафора и се определува за руралниот амбиент.
Тој, и како раскажувач и како романсиер, е реалист со тенденцијата да посегне и по друг, помодерен, на места психолошки облик на експресија. Стилот е чист, јазикот е свеж и лексички богат, изразот се наоѓа помеѓу класичнореалистичен и модерен, присутен е и народниот (преспански) говор. Неговата проза е доказ за тоа дека Фотев нуди видување на една декомпонирана современост и на една дезинтегрирана историја.
Неговиот поетски свет е собран во поетската збирка Поезија не за одмор (2002), која е создавана врз мотиви од социјално-егзистенцијалното секојдневие на човекот.
Добитник е на неколку значајни награди и признанија: „11 Октомври“ за романот Потомците на Кат (1967), „13 Ноември“ за романот Селани и војници (1969), „Рациново признание“, „Дијалог“. (Б. Р. Н.)
[Ma1]Хиперлинк Потомците на Кат