писателка, раскажувачка, романсиерка, теоретичарка, учебникарка, преведувачка. Припадничка е на првата група постмодерни македонски писатели. Нејзината проза е исповедна, интимна, со лични акценти и субјективна емоција. Владова го негува тонот на топло обраќање со морална, етичка и психолошка компонента. И во прозата за возрасни и во онаа за деца, инсистира на натприродното во реалистичкиот код на приказната. Познавајќи ги проседеите на магичниот реализам, таа во реалноста внесува фантастични и сказновидни елементи, со што прави отклонување од реалистичката раскажувачка концепција, а јазикот е свеж и лексички богат. Фантастичното, ониричкото ја облагородуваат стварноста со можностите на фантазијата, што е доказ за автентичниот раскажувачки стил на Владова.
Владова била доктор по филолошки науки. Работела како професорка по Светска книжевност и Детска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Била уредничка на македонското издание на списанието „Lettre internationale“, претседателка на СДМЈЛ, лекторка по македонски јазик и литература на Карловиот универзитет во Прага, учесничка на МСМЈЛК во Охрид, предавачка на Женските студии при СОЖМ во Скопје, член на Македонскиот ПЕН центар и на ДПМ.
Владова има богат творечки опус: авторка е на околу десетина прозни дела со различна тематика, едно драмско дело, книги за јазикот и за теорија на литературата. Нејзините дела тематски се посветени на современоста.
Владова на книжевната сцена дебитира во жанрот на прозата со збирката раскази
Скарбо во мојот двор (1986). Првиот објавен роман за деца (автобиографски) е
Измислување на светот (1991), а во коавторство со Владимир Тодоров во 2000 го објавува и првиот роман за возрасни
Деца како мене. Во целокупното творештво се третираат слични теми: детството, домот, мистериозноста на домот, училиштето, генерацискиот судир, љубовта, пријателството, жената, природата, градот, урбаниот и магичниот простор (особено Бит-пазар) и човекот во сооднос со нив, а мотивите се разновидни. Како раскажувачка Владова во фокусот го става хронотопот – дом и секојдневниот амбиент и раскажува за човековиот страв од непознатото (
Скарбо во мојот двор, 1986) и отфрленоста од домот (
Воден знак, 1990). Мотивите се најразлични: од љубовни
(Скарбо во мојот двор, 1986) до психо-перцептивни
(Воден знак, 1990). Дел од раскажувачката проза е блиска до магичниот реализам и влегување во дијалог со и преработка на делата на Бертран (
Скарбо во мојот двор, 1986), Достоевски и Кафка (
Воден знак, 1990). Раскажувачката проза се карактеризира со емотивна евокација, со асоцијативност и ониричност, градена од материјал кој произлегува од психолошкиот и социјалниот момент на човекот, кој се актуализира преку проникнувањето во неговата психологија и моќ, а се раскажува со емотивен и сензибилен занес. Опишувањето на настаните, личностите и просторот, преку
ненадеен продор на натприродното во секојдневното што го раѓа фантастичното, го сочинува светот на расказите на Владова.
Како романсиерка Владова е посветна на теми од детството и современоста. Во романите за деца во фокусот ја става љубовта, пријателството, семејството, а мотивот е детскиот биопсихолошки, интелектуален и социјален премин. Тематски преокупации се: едукацијата и социјализацијата на детето (
Измислување на светот, 1991), социоекономскиот фактор (
Девојчето со две имиња, 1993), преминот од реалниот во иреалниот простор (
Гледало[Ma1] зад огледалото, 1999). Владова инспирирана од секојдневните односи меѓу децата и возрасните, во коавторство со Владимир Тодоров, го пишува романот за возрасни
Деца како мене (2000), а во коавторство со Небојша Кнежевиќ го пишува романот
Исток – Запад (2002), каде во фокусот е прашањето за личната потрага по идентитет во рамките на двата културни система – Исток и Запад. Романсиерската проза за деца и возрасни се карактеризира со емотивна искреност на доживувањето, со вклучување на натприродното во човековите судбини и со слика на животот во урбано-магичниот простор. Тука таа е суптилна, оригинална, инвентивна и се определува за урбано-магичниот простор. Целиот нејзин творечки опус може да се дефинира како големо несогласување, со тенденција романтичарски да го измени светот.
Владова е авторка на драмскиот текст Куќа (2001), семејна трагична комедија во која темата е социјалната клима и проблемите со кои се соочуваат луѓето во живот во Македонија по распадот на СФРЈ, а мотивот е градењето нова куќа врз темелите на старата.
Добитник е на наградата „Златно перо“ за преводот од бугарски јазик на книгата Ние, врапчињата од Јордан Радичков. (Б. Р. Н.)
[Ma1]Хиперлинк Гледало зад огледалото