поет, писател, раскажувач, романсиер, драмски автор, новинар. Припадник е на втората генерација современи македонски писатели со обемен опус: автор е на над триесет книги со различна тематика, остварени во различни жанрови. Тематски, неговите дела се посветени на минатото и зборуваат за војните, за борбата на македонскиот народ за национална слобода, за природата, за современоста, за животот во слобода. Детството, хуманоста, херојствата и љубовта се најчестиот мотив. Неговата поезија и проза се ентузијастички и поминуваат низ филтерот на субјективната авторова емоција. Атанасовски го негува тонот на блиско обраќање и е склон кон реалистичко прикажување на светот со поучна компонента.
Завршил средно образование. Работел како новинар во весникот „Нова Македонија“ и како уредник на емисиите за деца и на Современата радиодрама во Радио Скопје. Бил член на ДПМ (од 1957).
Дебитантска објава на Атанасовски е збирката поезија за возрасни
Очите и измаглините (1955), а во 1979 година ја објавува првата збирка поезија за деца
Има еден прозорец. Во целокупната поезија се третираат слични теми: детството, љубовта, природата, семејството и човекот во сооднос со нив, а мотивите се разновидни. Поезијата за возрасни во фокусот ги става судбината и егзистенцијата на човекот и се карактеризира со сугестивни и лирски искази (
Очите и измаглините, 1955;
Минуваат пролети, 1959), со импресионистички патос (
Никогаш не сум сам, 1957). Тука Атанасовски е емотивен, а стихот е метафоричен, римуван и е во функција на поука, препорака. По тонот и атмосферата поезијата за деца е сведочење за детството и се транспортира во лирски, фантазмичен и дескриптивен занес. Мотивите се разновидни: од лирика за природата (
Има еден прозорец,
1979), подучување на детето (
Тутуле бале, 1994), до поезија со љубовни мотиви (
Љубовниот живот на Симсиле,
1998). Дел од неговата поезија е со традиционален сензибилитет (
Еден лав плаче од страв,
1962), со модерен (
Вечери кај шардаванот, 2000), до дидактички (
Уличето со обетки од цреши, 1995). Во поезијата за деца видливи се хуморот, алегоријата, метафората и ритмичко ведрите стихови. Атанасовски е еден од најмладите претставници на интимистичкото струење во поезијата за деца.
Во жанрот на прозата Атанасовски дебитира со збирката раскази за деца
Марко новинарко (1969), а првиот објавен роман за деца е
Куќичката[Ma1] со бела шамија (1987). Во целокупното прозно творештво се третираат идентични теми: детството, младите, војната, храброста, училиштето, семејството, а мотивите се разнородни. Како раскажувач Атанасовски во фокусот го става детето и раскажува за случките на децата
(Марко новинарко, 1969), за училишното дружење (
Големиот јунак, 1975), а мотивот е детскиот стремеж за ослободување од туторството на возрасните (
Марко новинарко, 1969;
Големиот јунак, 1975). Раскажувачката проза се карактеризира со лирска егзалтација и се раскажува со лирски и емотивен занес. Опишувањето на чувствата на детето, хуманоста, преку хумор и анегдоти го сочинуваат светот на расказите на Атанасовски.
Како романсиер Атанасовски е посветен на темите од поблиското минато, но и на теми од современоста и од фантастиката. Во романите за деца во фокусот ја става љубовта за родниот крај, а мотивот е судбината на детето херој. Тематски преокупации се: егзистенцијата на детето и на народот за време под бугарската окупација
(Куќичката со бела шамија, 1987), љубовта (
Кога се сакавме со Тинка, 1989), сеќавањата за детството (
Бамбила од другиот свет, 1992), а фантастичната приказна која се случува во 2310 година, Атанасовски тематски ја обработува во романот
Зелените луѓе (2005). Романсиерската проза се карактеризира со ненаметливост и објективност. Тука Атанасовски е инвентивен, дескриптивен, употребува афоризми, симболи и се определува за регионалното.
Атанасовски и како раскажувач и како романсиер за деца е реалист. Јазикот е свеж и лексички богат, а изразот се наоѓа помеѓу класично-реалистичен и модерен.
Атанасовски е поет на басни во стихови – збирките за деца Од лав до страв (1962) и Еден лав плаче од страв (1964) и писател на сказни во стихови – збирката за деца Во дворецот на сказните (1971), кај кои доминира мотивот на персонифицирани животни. Тука Атанасовски со иронија ја нагласува лирската нота во песната, исполнета со детската фантазија и применува римувана проза, хумор и алегорија.
Добитник е на следниве награди: Награда за најдобра книга за деца на Струшките вечери на поезијата за збирката Има еден прозорец (1979), „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца објавена во 2000, за книгата Вечери кај шардаванот (2001). (Б. Р. Н.)
[Ma1]Хиперлинк Куќичката со бела шамија