поет, раскажувач, романсиер, хроничар, сценарист. Припаѓа на втората генерација современи македонски писатели, со огромен и разновиден опус: автор е на околу дваесет и пет книги со различна тематика, остварени во различни жанрови, а според неговото сценарио е снимен филмот Време, води во режија на Бранко Гапо. Неговите дела тематски се посветени на минатото, зборуваат за војните, за борбата на македонскиот народ за национална слобода, за татковината, за животот на луѓето од Струга и Струшко, за печалбарството, за современоста. Најчест мотив се детството и народната борба за опстојба. Поезијата и прозата се исповедни, со лични акценти и субјективна авторова емоција. Стрезовски го негува тонот на блиско обраќање и е склон кон реалистичко прикажување на животот со воспитно-поучна компонента.
Филозофски факултет завршил во Скопје. Работел како учител во струшките села, бил новинар во Радио Скопје и директор на Струшките вечери на поезијата. Бил претседател на Собранието на ДПМ.
Дебитантска објава на Стрезовски е збирката поезија за деца Светулки (1957), а првата објавена збирка за возрасни е Шепоти (1958). Во целокупната поезија се третираат слични теми: детството, природата и човекот во сооднос со нив, а мотивите се најразлични. Поезијата за возрасни во фокусот ја става егзистенцијалната состојба на човекот и се карактеризира со носталгично-интимистички патос, лирска експресија (Шепоти, 1958; Чекори во времето, 1968). Тука Стрезовски е сентиментален, а стихот е метафоризиран и е во функција на апотеоза и препорака. По тонот и сензибилноста поезијата за деца е сведочење за детството и детето, чиј свет е согледан во традиционално реалистички рамки и се пренесува со лирски и дескриптивен занес. Тука се опеани детскиот свет, соништата (Светулки, 1957; Шарено огледало, 1965). Мотивите се разновидни: од лирика за природата (Езерски цвет, 1973), поезија со хумор (Шарено огледало, 1965) до дидактички песни (Шарени песни, 1963). Дел од поезијата е традиционална (Светулки, 1957), со модерен сензибилитет и влијание на современата српска поезија (Од Северен до Јужен Пол, 1966). Тонот е лирски, на места хумористичен со изразена метафоричност.
Во жанрот на прозата Стрезовски дебитира со збирката раскази за деца
Последниот фишек (1958), потоа следуваат збирката за возрасни
Луѓе со лузни (1961), првиот роман за деца
Патот до зората (1962) и првиот роман за возрасни
Води (1972). Тематските јадра се: детството, младите, војната, храброста, печалбарството, а мотивите се разновидни. Како раскажувач Стрезовски во фокусот ја става Струга и Струшко низ историските виори (НОБ и Револуцијата) и судбината на човекот, а често раскажува за помошта на младите во војната (
Последниот фишек, 1958) и за татковината (
Луѓе со лузни, 1961). Мотивите се родољубиво-патриотски и егзистенцијални (
Последниот фишек, 1958;
Луѓе со лузни, 1961). Раскажувачката проза се карактеризира со емотивност и е глас на традиционално обраќање кон човекот чиј егзистенцијален момент се раскажува со лирски занес. Опишувањето на настаните, прикажувањето на стварноста и доближувањето на имагинарното до вистините го сочинуваат светот на расказите на Стрезовски.
Како романсиер Стрезовски е посветен на теми од подалечното и поблиското минато, но и на теми од современоста. Во романите за возрасни во фокусот ја става љубовта за родниот крај, а мотивите се концентрираат околу потрагата по корените на човечкото страдање. Тематски преокупации се: судбината на народот за време на турското ропство, за време на бугарската и на српска власт (
Води, 1972), за време на Балканските војни, Првата светска војна и по неа (
Свето проклето, 1978;
Злодобро, 1990), за време на револуционерната, народноослободителна и постреволуционерна епоха, печалбарството (Зарек, 1981;
Животраг, 1995;
Јанѕа, 1986;
Последното прибежиште, 2002), постсамоиловиот период (
Еретик, 1994). Инспириран од односите што владеат меѓу луѓето во војната, од печалбарската судбина ги пишува романите за деца
Патот до зората (1962),
Синови (1968),
Дружината Братско стебло (1973),
Саатот кукавица (1978), каде во фокусот се судбините на борците и жителите од Дримкол. Романсиерската проза за возрасни и за деца се карактеризира со одделни човечки судбини и со слики на животот на Струшко-дримколскиот Регион. Стрезовски тука е оригинален, инвентивен, а употребува анегдоти, афоризми и симболи.
Тој, и како раскажувач и како романсиер за возрасни и деца, е реалист кој ги познава проседеите на магичниот и психолошкиот реализам. Јазикот е свеж и лексички богат, изразот се наоѓа помеѓу класично-реалистичен и модерен, а присутен е и народниот говор, фрази и лексика со специфичности на струшкиот говор. Стрезовски е прозаист препознатлив како хроничар на струшко-дримколскиот крај.
Добитник е на награди и признанија: „11 Октомври“ (1973) за романот Води, „Стале Попов“ (1967) за романот Дружината Братско стебло, „Ацо Шопов“ (2009) за збирката Слоеви и „Державин“ (2016) за стихозбирката Времено и трајно. (Б. Р. Н.)