Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на Катедрата за македонска и југословенска книжевност, по што работел како новинар во Радио Скопје. Бил уредник во „Нова Македонија“ и нејзин дописник од Париз и од Москва. Главен и одговорен уредник на месечните списанија „Македонско време“ и “The Macedonian Times”. Бил вонреден професор по теорија и практика на новинарството на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Главен уредник е на првата општа македонска енциклопедија, „МИ-АНОВА енциклопедија“ (2006). Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 година, и негов претседател во три мандати (1992-1994, 1994-1996, 2007-2008). Член на Македонскиот ПЕН центар.
Јован Павловски како поет на македонската книжевна сцена се јавува во 1955 г. во сп. „Млада литература“ и „Млад борец“, а во 1957 г. во сп. „Разгледи“ ги објавува и песните „Препознавање“ и „Пред спиење“. Неговите први стихозбирки, Август (1962) и Медеја (1969), се одликуваат со впечатлива метафорика и лирски рефлексии концентрирани околу природните елементи, пејзажот и љубовта. Третата книга поезија на Павловски, Идентитет (1974),претставува негово тематско свртување кон прашањата за идентитетот, за смислата на човековото постоење и каузалната врска помеѓу минатото и сегашноста. Осврнувајќи се на полицентричноста на поетските доживувања во ова дело, Милан Ѓурчинов констатира дека Павловски е „и животно непосреден и минуциозно егзактен и меланхолично замислен, и самоироничен и сето тоа преку еден наративно интониран поетски ракопис во кој вербалниот попартизам ја открива не само смислата за откривање на деталот туку и автентичната психолошка диспозиција.“ (Ѓурчинов 2008: 19). Спeцификите на поетскиот јазик со наративни елементи се забележливи и во неговата следна стихозбирка, Оксидирања (1983), во која „контемплацијата и дискурзивниот начин на поетско соопштување ги потиснуваат емотивното и интуитивното во втор план, така што песните од Оксидирања своите конституенти ги наоѓаат во светот на објективната вистина, во сублиматот на одредени научни сознанија и животни иксуства.“ (Смилевски 2020: 100). Критиката констатира две фази во развојот на поетиката на Павловски: во првата тој е изразит лиричар и во неговата поезија „доминираат кантиленските созвучја,“ додека пак во втората фаза, која започнува со стихозбирката Идентитет, преку „стремежот за еден персонализиран, поетички актуелен наративен вид на искажувањето,“ тој ги обединува „во еден израз лирското и егзактното, субјективното и некои научни објекции од различен вид и можност за семантичка фасцинација.“ (Друговац 1990: 542). Поновите поетски остварувања на Павловски, поемите Кревкото тело на Кирил Пејчиновиќ (2000), „Заминувањето на старецот“ и „Наспроти сè, останувам општ!“(од книгата Две поеми, 2010) ја продолжуваат тенденцијата за симбиоза на поетското со наративното и фабуларното.
Како прозен автор Јован Павловски се јавува со романот Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко (1972). Разработувајќи ги отуѓеноста и општествените и политичките односи во време кога идеалите на револуцијата се загубени, Павловски создава ангажирано дело, за чија блискост со тогаш актуелните романескни глобални текови на планот на нарацијата и структурата се искажува и критиката веднаш по неговото објавување (Мицковиќ 1972: 1133-1134). Сок од простата (1991) е роман со современ, автентичен израз, чие дејствие се одвива во Москва, во годините на „Перестројката“, и преку животната приказна на главниот лик, Македонецот Ангел Биков (наведен и како ко-автор на делото) ги инкарнира темите на општествената ерозија, политичките и социјалните промени, еросот и танатосот. Дејствието на Проверка на слободата (1998) се одвива во Тетово непосредно пред, во текот, и по Втората светска војна. Станува збор за роман „остварен во поетиката на стварносната проза“ и во него „се меша сегашноста и минатото, се брише границата помеѓу литерарната и животната вистина.“ (Ѓурчинов 2000: 103). Романот Град, години, луѓе (2009), чиј хронотоп е Тетово од 1881 до 1945 година, низ фрагментарна нарација е фокусиран на животната историја на главниот лик, трговецот Тодор Велев, при што персоналното и интимното се преплетуваат со општествениот и политичкиот контекст. Посочувајќи ги различните одредувања на романите на Павловски (модерен, постмодерен, фрагментарен, политички роман, стварносна проза), Лорета Георгиевска – Јаковлева констатира: „Искористувањето на постапките на стварносната проза, какви што се: колоквијализацијата на јазикот, критичките тонови и бројните интертекстуални и интердискурзивни стратегии, даваат врвен резултат. Неговите романи се сложена, најчесто линеарна, но секогаш фрагментарна структура, што овозможува стилска конотативност и поливалентност. Оттука, таа едноставност повеќе би ја виделе како блиска на постмодерната демократизацијата, која подразбира рамноправност на жанровските облици и пропуштање на популарното во т.н. високоестетски форми.“ (Георгиевска – Јаковлева 2017: 12-13).
Како писател за деца и млади Јован Павловски е оценет од критиката како новатор. Неговите поетски книги Мишо ишо шо о (1972), На сите свететски страни само Ани, само Ани (1980) и Тевеѕирка (1989) се посветени на детското секојдневие, и во нив доминираат игривоста и експресивноста. Во нив тој е „преокупиран со модалитетите на јазикот, притоа експериментирајќи во смисла на мислата дека поет за деца мора да располага со виртуозна инвенција на духот“ (Друговац 1986: 379). Неговите прозни остварувања, романите Блиско сонце (1972) и Значка (1976), како и збирките раскази Близини (1979) и Луѓе во зло време (1986) се дела за младинска читателска возраст, и во нив темите се земени од периодот на Народноослободителната војна, како и обновата на родната земја по ослободувањето.
Добитник е на наградите „Рациново признание“ (за романот Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко), „Стале Попов“ (за романот Проверка на слободата), награда на Радио Скопје за најдобра книга за најмлади (трипати), „Мито Хаџивасилев - Јасмин“ за публицистика (двапати), награда на град Скопје „13 Ноември“, „19 Ноември“ награда на град Тетово, „Поетско жезло“, признание Духовен воин, „Крсте Мисирков“ за животно дело, награда на НИП „Нова Македонија“ за животно дело, прва награда „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија, Златно перо за превод на поезијата на Ајги. (Г. С.)