Фолклорист, истражувач на културата, научен советник, член на МАНУ.
Ристовски дипломирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје (Група за историја на книжевностите на народите на СФРЈ со македонски јазик) во 1955 година. Работел како јазичен редактор на Радио Скопје, лектор по македонски јазик и предавач на Македонска литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (1961 – 1966) и предавач по македонски јазик и литература на Педагошката академија во Марибор (1965/1966). Во 1965 г. на Филозофскиот факултет, под менторство на проф. д-р Харалампие Поленаковиќ, докторирал со дисертацијата: „Животот и делото на Крсте П. Мисирков (1984 – 1926)“. Во 1966 г. е избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје и оваа функција ја извршувал во два полни мандата. Од 1968 г. е прв и главен уредник на списанието „Македонски фолклор“, а до 1977 г., под негово уредништво, се издадени првите 22 броја.
Академик Ристовски има посебно значајна улога за Институтот за фолклор во врска со организирањето на мошне разгранета мрежа на собирачи на фолклорни и етнографски материјали ширум Република Македонија. Голем дел од депонираниот материјал во Архивот на Институтот за фолклор се должи токму на собраниот фолклорен материјал од надворешните соработници кои ги ангажирал. Ристовски, покрај неговиот несомнен научен придонес на полето на истражувањето на културната историја на македонскиот народ, прави и продлабочени фолклористички истражувања на песните за Марко Крале, на лазарските и тажачките песни, на еротските песни околу обредните огнови итн. Основач е и претседател на биеналниот Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид, претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија. Како истражувач на македонската национална, литературна, јазична, културна историја и на фолклорот, има објавено повеќе од 80 книги и над 1.300 научни статии и други прилози.
Добитник е на наградите: „11 Октомври“ за својата прва книга „Крсте П. Мисирков“ (1966); признание за славистичките истражувања „Пушкин“ од претседателот на Руската Федерација; златен медал за научни истражувања од Националната академија на науките на Украина (2012) и златен медал од ректорот на Харковскиот национален универзитет (2012). (Ж. И.)