Етнолог, собирач на македонски народни умотворби, поет и универзитетски професор.
Гимназија завршил во Охрид во 1967 година, а Филозофски факултет во Скопје. Работел како професор по македонски јазик во охридската гимназија и како директор на Историскиот архив во Охрид, а потоа се вработил на Факултетот за туризам во Охрид, каде го предавал предметот Културно наследство, а бил и декан на Факултетот. На 8 ноември 2022 година бил прогласен за почесен член на библиотеката при Домот на културата во Охрид.
Целакоски е автор на околу 20 книги од областа на етнологијата и историјата на охридскиот крај. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје во 1978 г. на тема „Македонските обредни песни од Дебарца – Охридско“, која потоа ја објавил како „Дебарца – магии, обреди и обредни песни“. Во манастирот „Св. Јован Бигорски“ го открил и го објавил најстариот Поменик од манастирот од 1762 година, во кој се запишани над 3.000 благопоклоници и селски населби од западниот дел на земјава. Како директор на Историскиот архив, Целакоски е заслужен за носењето на копиите од ракописите на Григор Прличев, чии оригинали се чуваат во Државниот архив на Бугарија. Во 1990 година, заедно со Димитар Смилески објавиле факсимил од граматиката на Прличев. Целакоски особено внимание посветил на истражувањето на манастирот „Св. Наум“, но и на ликот и делото на светецот. Aвтор e на две значајни книги кои се однесуваат на старите печати и преданија сврзани за свети Наум, како и на збирката поезија „Пролог“ во 1998 година. Во 2005 г. го превел од грчки јазик „Летописот на свети Наум“, што го напишал охриѓанецот Димитри Петру. (Ж. И.)