Собирач на македонски народни умотворби и фолклорист, преведувач, писател, револуционер, академик на БАН.
Каранов бил син на кратовски чорбаџија и трговец на памук. По основното училиште во родниот град, во 1867 г. завршил прогимназија во Цариград и заминал за Одеса каде завршил класична гимназија во 1872 година. Од 1875 г. три години студирал словенска филологија на Новоросијскиот универзитет, но морал да ги прекине студиите поради болест. Во Одеса започнал да се занимава со книжевна дејност и собирање на фолклорни материјали. Подготвил зборник со народни песни, од кој дел излегува во списанието на Бугарското книжевно друштво (денес БАН), на кое станал дописен член во 1875, а од 1884 г. бил и активен член. По враќањето од студии, Каранов учителствувал во Штип, Ќустендил, Софија и во други места, бидејќи често бил преместуван на служба од еден во друг град. Покрај просветна дејност, тој пројавувал и општествено-политичка активност, па во 1895 г. бил еден од основачите на Македонското братство во Ќустендил, прво од таков вид во Бугарија, по што е избран за негов прв претседател. По задушувањето на Мелничкото востание, во тоа време неговиот дом се користел како штаб на востаниците, и разединувањето на Врховниот комитет, Каранов се ориентирал кон Македонската револуционерна организација (МРО) и одржувал контакти со Гоце Делчев и Јане Сандански. Во неговиот дом се подготвувало и востанието на Трајко Китанчев во 1895 година.
Каранов ги превел (на кратовски говор) „Словото за походот Игорев“ и „Пан Тадеуш“ на Адам Мицкевич, со што предизвикал големо внимание во тогашните книжевни и научни кругови. Покрај преведувачката дејност, тој се занимавал и со писателска дејност – ги напишал поемата „Богдан јунак“ и „Историја на Србија“, кои останале речиси без одзив во јавноста, но се занимавал и со собирање фолклорен материјал, стари ракописи и книги. Овој интерес го следи уште од времето на студентските денови. Како соработник во „Периодическо списание“ и СбНУ публикувал дел од собраниот фолклорно-етнографски материјал, но долгоподготвуваниот зборник на песни и прозни народни умотворби од Кратово и Кратовско, по долги напори за печатење, не успеал да го објави во текот на својот живот. Овој Зборник на македонски народни умотворби содржел предговор, 240 македонски песни, но и суеверија, народни изрази, народна метрономија и 7 приказнички, а објавен е од Институтот за македонски фолклор „Марко Цепенков“ дури во 1998 г. под редакција на Блаже Петровски. Каранов има придонес и во класификаторските потфати на македонската фолклористика со својот „Показалец на варијантите од песните од Зборникот на браќата Миладиновци“, кои ги дели во 14 групи. Тој објавил и други етнографски материјали, како и кратка монографија за Румена војвода, објавена во Софија во 1886 г., која е прв и речиси единствен прилог од таков вид.
По смртта на синовите во 1913 г. и 1925 г., постепено се повлекува од општествената дејност. Неговото фолклористичко дело не е големо по обем, но е несомнено значајно за македонската културна историја. (Ж. И.)