Истражувач на македонскиот фолклор, научен советник во Институтот за македонска литература.
Професионалната определба на Китевски влече корени од неговото семејство во кое била жива народната традиција, па тој сведочел за богатството на македонскиот фолклор од прва рака, дури и запишувал песни и приказни од својата мајка Менка, подоцна објавени и во посебна збирка. Завршил гимназија во Струга (1969), а потоа дипломирал на Филозофски факултет во Скопје (1974), на Катедрата за историја на книжевностите на народите на СФРЈ. Потоа завршил и постдипломски студии од научната област Македонска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и во 1980 година го одбранил магистерскиот труд „Фолклорните елементи во делата на Стале Попов“. Во 1990 година на истиот факултет ја одбранил докторската дисертација, под наслов „Клетвите во македонското народно творештво“. Како студент работел во весникот „Студентски збор“, а по завршувањето на студиите како новинар во Радио Скопје. Во октомври 1983 г. се вработил во Институтот за македонска литература, каде го минува остатокот од својот работен век, преминувајќи ги сите скалила – од асистент во Одделението за народна литература до виш научен соработник и научен советник. Бил заменик-раководител и раководител на Институтот за македонска литература, извршен уредник на списанието „Спектар“, раководител и соработник на повеќе научноистражувачки проекти во Институтот и учествувал на голем број домашни и меѓународни научни собири. Автор е на над шеесет монографии, зборници и избори од народното творештво и на над 400 други трудови (статии, студии, рецензии, полемики и сл.).
Добитник е на наградите: „13 Ноември“ на Град Скопје (2004), на највисоката државна награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања за Република Македонија од областа на науката (2008), на највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“ (2012) и на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016), како највисоко општествено признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието од интерес на Република Македонија.