Поет, драмски писател, фолклорист, филолог, публицист, културолог и револуционер, деец на Македонската револуционерна организација.
По завршувањето на основното училиште, средното образование го продолжил во Солунската машка гимназија. Во 1903 г., дипломирал словенска филологија на Универзитетот во Софија. Како добар студент и фолклорист, добил понуда за специјализација во Виена, но останал и работел како учител во повеќе градови во Македонија и Бугарија. Бил член на Битолскиот окружен револуционерен комитет и одговорен за Прилепската околија и бил член на Штабот на востаниците.
Димитар, заедно со брат му Костадин[U1] (под псевдонимот К. Суодолски), го уредувал литературното списание „Ајдучка ливада“, кое периодично излегувало во текот на 1903 г. во Софија. Во него се објавувале раскази и поеми од животот на македонските револуционери, како и сторијата „По грабнувањето на Мис Стон“ од Димитар Молеров. Во неговиот дом во Софија чести посетители биле членовите на Македонскиот литературен кружок и Хераклит. Тој развил фолклорна дејност и заедно со Костадин собирале, обработувале, класифицирале и споредувале народни песни, гатанки, поговорки и приказни. Заеднички го објавиле капиталниот зборник „Народописни материали од Разлошко“, во кој е опишана историјата на Банско, разлошкиот говор и биографиите на познати личности од Банско. Во него ќе запишат: „Ние, собирачите на тие материјали, родени сме во големото пиринско село Банско, каде живееме и сега. Материјалите ги собиравме како познавачи на својот роден говор, на кој и денеска си зборуваме дома, најмногу од својата баба Парашкева Костадин Сирлешчова[U2] .“ Понатаму пишуваат дека детството го минале со мајка им Елена и баба им Парашкева, и двете големи песнопојки, вистински извори на народни песни и приказни. (Д. Молеров 1954: 3)
Под псевдонимите Викенти, Д. Конаревски и Пиновски, Димитар Молеров развил и книжевна дејност: во 1896 г. ја објавил поемата „Стојна Пострумска“, во 1907 г. идилата „Тенка и Китан“, потоа драмите „Новото учене“, „Новиот даскал“, „Ајдучка полјана“, „Јуда Искариотски“, стихозбирката „Жална ми бабо, послушај“ (две од песните се на помладиот брат Костадин, и тоа насловната и „Ајде, ајде излези, стара ле бабо“), како и на повеќе статии од областа на историјата, литературата и филозофијата. (Ж. И.)
[U1]Хиперлинк Костадин Молеров
[U2]Хиперлинк Парашкева Сирлешчова