Поет, литературен критичар и есеист, публикувач и проучувач на македонски народни умотворби.
Наневски завршил студии на југословенските книжевности на Филозофскиот факултет во Скопје. Има одбрането и хабилитација на Филолошкиот факултет. Со книжевни критики и есеи се јавил уште од студентските денови. Најмногу бил ориентиран кон поезијата, се истакнувал како истражувач на поетскиот говор: ги толкува митовите и симболите, тајните на народната уметност, облиците на модерниот израз. Во своите книги критики и есеи, меѓу останатото, ја нагласува суптилната врска на фолклорот, поезијата и книжевноста воопшто, што се остварува низ скриени корелации, толкувајќи ја како една од најсуштествените во поглед на самата смисла на современата книжевност: како нејзин корен што денешната книжевност ја врзува со акумулираното поетско сознание на генерациите и вековите.
Наневски е приредувач е на поголем број фолклорни изданија, од кои ги издвојуваме: Песни од Константин Миладинов, Марко Цепенков: Соништа и сеништа, Самовилското коњче: Македонски бајки, во авторизирана, модерна верзија. Записите на Цепенков за сеништа и соништа ќе ги издвои во посебна книга, не само како народни умотворби туку и како негови прозни записи кои го носат Цепенковото авторско име како даровит раскажувач на народни приказни и оригинален автор во македонската проза. Во збирката македонски бајки „Самовилското коњче“, инспириран од светските собирачи и творци Перо, Грим и Калвино, со творечка слобода ќе ги прераскаже приказните во современ стил и со сопствено чувство за естетика, трагајќи по нивниот првобитен, поетски облик.
Тој бил и уредник во издавачката куќа „Македонска книга“, научен работник во Институтот за македонска литература, член на ДПМ од 1954 г. и уредник на списанието за литературна наука „Спектар“. (Ж. И.)