Фолклорист, зограф, лексикограф, етнограф.
Основно образование добил од татко му кој бил учител, а на 14-годишна возраст започнал да учи зографски занает кај прочуениот галички зограф Ѓурчин Фрчковски. По повредата на глуждот на ногата во Карлово, Бугарија, каде бил на печалба, бил принуден да се врати во Галичник, каде што останал уште 17 години прикован за постела и неспособен за физичка работа. Во тоа време се занимавал со препишување книги, запишување народни умотворби, обичаи, изработка на речник и др. Во потрага по подобри услови за живот, семејството се сели во Врање во 1881 г. каде што починал. По неговата смрт, брат му Алексо ги дал запишаните материјали во ракопис на П. А. Ровински, руски конзул во Црна Гора, кој ги објавил во продолженија во петроградското списание „Жива старина“ (X–XIV, 1899 – 1905). Ровински ја истакнува нивната вредност поради тоа што се пишувани од домородец и на чист народен, мијачки јазик, се задржува на оној дел од Зборникот што нему му се чинело дека ќе биде интересен за науката. Во описот се опфатени народните мијачки обичаи и географско-топографскиот приказ на Мала и Голема Река со некои соседни области, како и мијачките народни песни кои ги објавува дури во третиот продолжеток на Зборникот на П. Ѓиноски. Ровински притоа забележува дека во материјалот на Ѓиноски имало и „многу одделни листови, напишани со разни раце“, што говори дека покрај што самиот запишувал народни песни, Панајот добивал материјали и од други запишувачи. Мијачките народни песни запишани од П. Ѓиноски и некои негови соработници, биле печатени во неколку продолженија. Тие го претставуваат најобемниот и најважниот дел од оставината на Панајот Ѓиноски, која е објавена и редактирана од Кирил Пенушлиски во 1995 година. Со оваа збирка од мијачки народни песни Панајот Ѓиноски зазема едно од поважните места меѓу собирачите на македонски народни песни од XIX век и прво место меѓу луѓето од мијачкиот крај. Овие песни изобилуваат со мотиви во народното творештво и чистиот мијачки говор. (Ж. И.)