Фолклорист, собирач на народно творештво, научен истражувач.
Дипломирал во 1962 г. на Филозофскиот факултет во Скопје, на Групата за француски јазик и литература. Во 1982 г., на Филолошкиот факултет во Скопје, докторирал под менторство на проф. д-р Кирил Пенушлиски. Во периодот од 1984 до 1988 г. бил директор на Институтот за фолклор, долгогодишен раководител на Одделот за народна литература и на повеќе научноистражувачки проекти.
Петровски е автор на монографскиот труд „Трансформирањето, распаѓањето и современата состојба на македонскиот јуначки епос“, во кој се занимава со еден сложен проблем од историјата на фолклорот и дава осврт на македонскиот јуначки епос, на неговата оригиналност и самобитност, којшто е органски сврзан за историјата на македонскиот народ. Значајно е неговото истражување на комплексната сижетика и поетика на јуначкиот епос, како и на трансформирањето на епосот низ времињата до нашата современост, во која му се заканува изумирање. Петровски, исто така, се јавува и како автор или коавтор, соработник и редактор уште во неколку монографии и зборници, како и научен истражувач на разни теми, жанри и региони од македонскиот фолклор. (Ж. И.)