Фолклорист, собирач на македонски народни умотворби, брат на фолклористот Антон Поп Стоилов.
Потекнува од свештеничко семејство, во кое се негувала љубовта кон писменоста. Основно образование завршува во Горна Џумаја и во 1892 г. е назначен за учител во с. Бучино, каде ќе предава до 1895 година. Во овој период започнува со својата активност да запишува народни песни, гатанки, пословици и други народни умотворби. Се смета дека овие запишани умотворби од Горна Џумаја и околината високо котираат во корпусот на македонскиот фолклор, благодарение на вонредните напори на браќата Поп Стоилови. Според информацијата што ни ја дава Христо Поп Стоилов, до 1904 г. од Горноџумајската каза имало запишано „115 песни, 69 гатанки, 55 пословици, 12 приказни, околу 20 детски игри, 17 толкувања на соништа, 6 суеверија, 8 баења, неколку десетици сопствени имиња и неколку стотини зборови за речник“ (Ковилоски 2021: 84).
Во 1895 г. Христо заминува во Софија и завршува средно училиште во Софиската машка гимназија (1901), по што запишува словенска филологија на Софискиот универзитет кај познатиот етнограф Љубомир Милетиќ. По завршувањето на факултетот (1905) добива стипендија за усовршување на словенска филологија на Виенскиот универзитет. Во 1907 г. ќе ја одбрани докторската дисертација на тема „Класификација и стилистички објаснувања на бугарските народни гатанки“ кај проф. Ватрослав Јагиќ, труд кој постхумно ќе биде објавен во 1914 г. од страна на брат му Антон. Во оваа обемна класификација ќе наведе вкупно 2.948 гатанки, од кои 2.392 гатанки распределени во 17 групи, со 378 мотиви. По враќањето во Бугарија бил назначен за учител по германски јазик во Пловдивската машка гимназија. Под псевдонимот „Ајдучки“, пишува во цариградскиот весник „Вести“ и во списанијата „Училишен преглед“, „Словенски глас“ и „Зборник за народни умотворби, наука и книжевност“.
Покрај неговата собирачка активност, фолклористичката дејност на Христо Поп Стоилов се состои од бројни трудови и рецензии на различни теми, особено „за оние делови на фолклорот што нуделе можности за вметнување произволности и сомнителни авторства, односно за книжевните мистификации. Во суштина, тој трага, но уште повеќе сака да ги толкува архетипите на народните песни, приказни и обичаи...“ (Ковилоски 2022: 148-149). Следејќи го тој свој интерес, пишувал за литературната мистификација „Веда Словена“, објавил семиотичко-лингвистичка анализа на поемата „Крале Марко си ја губи силата“ и други трудови со кои се впишува во значајните критички согледби на македонскиот книжевен XIX век. (Ж. И.)