Поет, романописец, драмски автор и писател за деца. Завршил гимназија во родниот Штип, а дипломирал на групата Јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. Во литературата се јавува непосредно по Втората светска војна кога во 1945 г. во в. „Брегалнички глас“ ја објавува својата прва песна. Објавувал стихови и во сп. „Нов ден“, „Млад борец“, „Омладина“ и „Младост“ (Белград). Бил уредник во сп. „Млад борец“ и „Студентски весник“, а од 1952 г. извршувал повеќе должности на Радио, а потоа и во Телевизија Скопје. Бил член на ДПМ и негов претседател од 1949 г., како и член на Македонскиот ПЕН центар.
Ивановски е носител е наградите: „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Стале Попов“. Во 2006 г. за поемата „Елена“ ја добил наградата „Григор Прличев“. За целокупниот поетски опус во 2008 г. ја добил наградата „Книжевно жезло“ што ја доделува ДПМ. Во 1976 г. ја добил на наградата „Бранко Миљковиќ“ за српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“.
Засиленото поетско присуство на Србо Ивановски се согледува во сп. „Нов ден“ (Една историја, 1946, бр. 7-8), каде што објавува низа песни, меѓу кои и: „Мајкина среќа“, „Песна на стариот учител“, „Првиот стих“, „Радосници“, „Цигански сонет“, „Мајка“, „Спомен од детството“ и др. Во сп. „Иднина“ ги објавил песните „Белиот ориз“, „Излегов“, „Враќање на борецот“, „Песната што ќе ја напишам утре“ и фрагмент од поемата „Враќање во Стогово“.
Книжевната критика го сместува Србо Ивановски меѓу припадниците на втората генерација современи македонски поети. Димитар Митрев за него вели дека е извонредно спонтан поет на срцеведството, а неговата поезија ја присоединува кон лозата на поетите чија стихија е елементарноста. „Силата и привлечноста на неговиот темперамент“, вели тој, „е во директното емоционално кажување. Еден допадлив лиричар на штимунгот“ (Митрев 1970: 292).
„Во поезијата создавана од деведесеттите години на минатиот век наваму, Ивановски се свртува кон егзистенцијалните состојби на современиот човек кон неговите дилеми и искушенија. Во оваа фаза (посебно во книгите „Прстен на времето“, „Горчлив корен“, „Челост на времето“, „Близу до смртта, близу до животот“ и „Ангелот и лудите цвеќиња“) доаѓа до израз богатото животно и творечко искуство на Србо Ивановски при што неговата поезија освојува со својата едноставност и длабочина“ (Смилевски 2008: 16-17). Осврнувајќи се кон прозното творештво на Ивановски, Јован Костовски ќе ја посочи фрагментарноста, неконвенционалната композиција заедно со психолошкото нијансирање на внатрешниот немир од некое интимно доживување кое ја обојува неговата проза со поетски израз (Костоски 1957: 65). Во таа насока прозниот опус на Србо Ивановски денес се цени како интензивно лирски обоен, непретенциозен и ненаметлив во изразот, кој никогаш не е само субјективен туку е и реалистичен и точен, беспрекорен и хуманизиран (Ѓурчинов 1970: 19). (Д. А.).