Фолклорист, собирач на народно творештво, преведувач од полски на македонски и обратно, научен работник од областа на македонскиот прозен фолклор и фолклорот на македонската дијаспора.
Вражиновски го завршил своето основно и средно образование во Романија и Полска. Студирал словенска филологија во Краков, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Софија во 1966 година. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје во 1981 г. на тема „Социјално-класните односи во македонските народни приказни“. Од 1970 до 1990 г. работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, каде извесен период бил и в.д. директор. До пензионирањето во 2005 г. работи во Институтот за старословенска култура во Прилеп.
Во својата фолклористичка дејност особено се занимава со народните приказни, народните преданија и митологијата, кои ги собирал и публикувал во бројни изданија. Се смета за еден од најплодните публикувачи на фолклорен материјал од македонската дијаспора.
Добитник е на државната награда „23 Октомври“ во 2007 г., како и на високи одликувања од Украина и Полска. (А. М.)