Гимназија и филозофски факултет завршил во Скопје. Учествувал во уредувањето на сп. „Млада литература“. Подолги години бил уредник, а од 1963 до 1972 година, главен и одговорен уредник на сп. за литература, уметност и култура „Разгледи“. Бил директор на Македонската телевизија и директор на Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година. Бил претседател на ДПМ (1978 – 1980). Бил член на Македонскиот ПЕН.
Расказите од првата книга на Солев, Окопнети снегови (1956), се поврзани тематски, преку тоа што нивното дејствие се одвива во текот на Втората светска војна, а воедно станува збор за проза во која книжевните критичари препознаваат влијание од современите светски книжевни текови. Милан Ѓурчинов констатира дека „одделни дијалози блиско напомнуваат на оние на Хемингвеј, дека интроспективни решенија потсетуваат на Пруст.“ Осврнувајќи се на значењето на ова дело, Ѓурчинов резимира: „Повеќе отколку со својот третман кој е на места доведен до перфектност, оваа книга импресионира со резултатите од својот зафат: таа е нашата прва градска книга во најнепосредна смисла на зборот.“ (Ѓурчинов 1956: 57). Со следната збирки раскази, По реката и спроти неа. (1960), Солев ја продолжува тенденцијата на вградување на карактеристиките на европскиот модернизам во сопствената проза, додека пак во Зима на слободата (1968), како и во останатите збирки раскази кои што ќе следат по неа, ќе биде забележливо неговото свртување, на ниво на поетиката, кон реализмот.
Првиот роман на Солев, Под усвитеност (1957), тематски се надоврзува на неговата дебитантска книга раскази, и претставува интензивно пренесување на воената атмосфера во времето на окупацијата. Воедно, забележлив е неговиот развој како прозаист од дело во дело, што останува забележано од критиката, па така Александар Спасов констатира: „Додека во Окопнети снегови, во мнозинството, во повеќето случаи, учесниците се објекти и жртви на злосторството, во романот Под усвитеност активната компонента на отпорот и безмилосната борба против тоа злосторство доаѓа во најпреден план.“ (Спасов 1969: 7). Дејствието на Кратката пролет на Моно Самоников (1964) Солев го сместува со современиот граѓански амбиент, а преку свеста на главниот лик, присутни се и сеќавања од последните денови на Втората светска војна. Романот Дрен (1980) е напишан врз основа на автентични документи од животот на македонскиот револуционер Васил Антевски - Дрен кој во 1942 година на судски процес во Скопје, со уште неколкумина соборци од Скопскиот партизански одред е осуден на смрт од страна на бугарските фашисти, а потоа, истата година обесен во софискиот затвор. Станува збор за биографски роман во кој автентичниот податок и автентичното уметничко транспонирање се две компоненти на една целост изградена и заокружена низ нивното меѓусебно преплетување. Со романот Зора зад аголот (1984) Димитар Солев се свртува кон настани од обичниот градски живот, користејќи ги записите на еден од своите ликови во кои се забележани низа ситуации кои се прекршуваат низ фокусот на секојдневната атмосфера во кафеаната „Зора“. Под површината на едноставната приказна предадена во вид на хуморно изнијансиран колаж, авторот ни доловува слика на луѓе од различни професии, карактери, сензибилитети, постапки и соништа, од градското милје на Скопје од педесеттите години на минатиот век.
Силното присуство на Димитар Солев на книжевната сцена во времето на литературните полемики во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, зазема неодминливо место во опусот на овој автор и сведочи за неговата улога во еден важен период од развојните процеси на македонската литература. Д. Солев има видно место во борбата на мислења за ослободување од догматската и традиционалистичката свест во и за литературата и во диференцијацијата на антагонистичките струи реалисти – модернисти. Најзначајните полемички текстови на Димитар Солев, кои сведочат за неговата значајна улога на модернистичкото крило од периодот на македонската книжевна конфронтација: „Ситуација“ 1965 (сп. Разгледи, 1965, бр. 1, стр. 12 – 29), „Критика во недоумица“(сп. Разгледи, 1965, бр. 6, стр.519-531), „Критика со патос и предрасуда“(сп. Разгледи, Скопје, 1966, бр. 6, стр.597), објавени се во книгата со критики, есеи и книжевни расправи Quovadisscriptor (1971).
Добитник е на наградите: „11 Октомври“ (двапати: 1964 г. за романот Кратката пролет на Моно Самоников и 1968 г. за збирката раскази Зима на слободата), „Рациново признание“ (1980 г. за романот Дрен), „13 Ноември“ (1984 г. за романот Зора зад аголот). (Г. С.)