Фолклорист, етнолог, историчар, истражувач на фолклорот и етнологијата на ромскиот народ во Македонија и собирач на ромското народно творештво.
Во 1974 г. завршил историја и педагогија на Педагошката академија, а во 1979 г. дипломирал Историја на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1989 г. магистрирал на Катедрата за етнологија на Филозофскиот факултет во Белград на тема: „Календарски обичаи кај Ромите во Скопје и околината“. Во 1997 г. на Катедрата за етнологија на Филозофскиот факултет во Загреб, под менторство на проф. д-р Витомир Белај, ја одбранил дисертацијата: „Етничките и културните карактеристики на Ромите во Македонија“. Од 1980 г. работел во Институтот за фолклор како асистент во Одделот за народна литература, по што преминал во новоформираниот Оддел за истражување на фолклорот на народностите како истражувач на ромскиот фолклор. Со својот ангажман во Институтот за фолклор, Петровски имал пионерска улога во трасирањето на патот за идните истражувачи на традиционалната ромска култура во Македонија, во областа на етнологијата и фолклористиката, а за својот придонес во проучувањето и популаризацијата на традиционалната ромска култура добитник е на неколку награди и признанија од повеќе ромски организации.
Како член на здружението „Романо Ило“, Петровски се јавува и како претседател на два Меѓународни научни симпозиуми за ромска култура и е уредник на зборниците на трудови од овие собири. (Ж. И.)