Етномузиколог, композитор, диригент, педагог, собирач на македонски фолклор.
Музичка школа учел во Белград, а подоцна студирал композиција кај Јосип Славенски и Јуриј Арбатски. Работел како диригент на Академското пејачко друштво и како раководител на оркестарот при Домот на слепите во Земун. По Ослободувањето бил на повеќе важни функции во Скопје: шеф на Отсекот за уметност во Одделението за култура и уметност при АСНОМ, шеф на Отсекот за народна музика во Радио Скопје; еден од основачите и прв уметнички директор на ансамблот „Танец“; шеф на Одделението за народна музика во Институтот за фолклор, а подоцна и негов директор. Бил дописен член на Меѓународното фолклорно друштво ИФЦМ во Лондон, член на Националниот комитет при УНЕСКО за народна музика, член на Националното географско друштво на САД и почесен претседател на Меѓународното друштво за народни игри со седиште во Лондон.
Својата главна преокупација ја наоѓа на полето на фолклорот. Особено се истакнува како собирач, мелограф и толкувач на македонскиот музички фолклор. За време на неговата работа во „Танец“ се залагал за интензивно теренско истражување и следствено поставување на репертоарот на автентични ора и песни, со игроорци од теренот кои ги покажувале игрите со сите белези на традиционалните изведби. Собрал и мелографирал над седум илјади народни мелодии, од кои дел се објавени во збирките „Македонски музички фолклор“ I и II во 1953 и 1964 година. Објавил и поголем број други стручни трудови: „Метричките особини на македонската народна музика“ (1951), „Дијафонијата на македонската народна музика“ (1958), „Македонските мелографи од крајот на 19 век“ (1963).
Добитник е на наградите: „13 Ноември“ во 1963 г., „Климент Охридски“ во 1970 г. и „11 Октомври“ во 1971 година. (Ж. И.)