драматург, драмски писател и сценарист.
Ја воведува постмодерната во македонската драма и театар, а доминантна тема на неговиот опус е Балканот со неговите траумите и паранои. Со посебно чувство за создавање ситуации, во драмите на Дуковски последиците од историските случувања се провлекуваат во сегашноста, условувајќи го карактерот и дејствувањето на современите, најчесто обични луѓе. Трагичното произлегува од незнаењето, недоразбирањето и неприфаќањето, оптоварено со баластот на минатото.
Дипломира драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1990 година. По дипломирањето работи како драматург во Македонската радио-телевизија (1990 – 1993). Во 1993 г. е избран за асистент по предметот Филмско и ТВ-сценарио на ФДУ, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија. Престојувал како писател во резиденцијата Дојче Шаушпилхаус во Хамбург, Германија. Сите негови текстови се преведени на многу јазици и повеќекратно се наградувани. Статистички, тој е најизведуван македонски драмски писател.
Буре барут [l1] е најпоставуваниот драмски текст на Дуковски кој, покрај праизведбата во Македонскиот народен театар во 1994 г., изведен е и на уште седумнаесет сцени и на речиси толку јазици (Грција, СР Југославија, Хрватска, Германија, Данска, Холандија, Шведска, Јапонија, Бугарија и др.). Според ова сценарио режисерот Горан Паскаљевиќ снимил игран филм, копродукција на продуцентските куќи од Македонија, Франција, Германија, Турција, Југославија и од Грција.
Во едно интервју Дуковски изјавува дека има многу дилеми, дека често е поставен пред оној хамлетовски момент на неодлучност што ја создава самата дилема, која во суштина е производ на сознанието дека нештата можат да се одвиваат вака и онака, па го иницираат прашањето што ќе беше да беше и што правиме сега? Токму таа дилема е предмет на интерес во најголемиот дел текстови. Ликовите се поставени пред некој избор, кој во многу нешта е условен од незатворените работи што се присутни и денес на балканските простори поради нерешените политички проблеми, невоспоставениот систем на вредности, специфичните карактеристики и менталитетот, кој според Дуковски е микс од патријархалност, примитивност и необразованост со животна страст, радост, непосредност и топлина. Тој микс кој се доживува како автентичен, ги продуцира и дилемите поставени пред ликот.
Во драмите на Дуковски има многу насилство, понекаде војни, тензија од исчекувањето секој момент да се случи нешто лошо. Токму тука Дуковски го гледа потенцијалот за драмските текстови, кои, секој на свој начин, ја разрешуваат тензијата, обично без среќен крај и со повторна заблуда. Неговите ликови како да се вртат во магичниот круг на неразбирањето, обземени од некаква параноја која не дозволува злото оро да се прекине, па токму тоа повторување на злото, и покрај намерите да се стави крај, дава една апокалиптична визија на светот и на Балканот (Друга страна, Празен град). Во сите текстови се чувствува апсурдот на балканските воени конфликти (ММЕ, Буре барут). Дуковски е автор кој го „регистрира контекстот на стварноста во која живееме“, како што вели самиот, а таа стварност за него е полна со неразрешени конфликти, недоречености и недоразбирања, или, како што самиот вели, „некаква нова мутација на стари вампиризми“ од кои произлегува конфликтот и драмската тензија во текстовите (Балканска гротеска, Последниот балкански вмпир, Дух). Во неговите текстови репликите се брзи, ситуациите стегнати, поврзани со некоја предисторија, некоја напнатост од некаде порано, односно ликовите од сцена во сцена покажуваат сè поголем и поголем багаж.
Ликовите често се мали, онеправдани луѓе (Духот кој оди, Дух) во ирационална борба за своите права, за да се покаже, навидум, дека бунтот против системот главно завршува на сопствена штета. Александар Мара или Духот, или како уште е наречен во критиката „антиХамлет“ од драмата Дух, е еден урбан херој кој ја зема правдата во свои раце и тргнува да се пресмета со сите кои му имаат згрешено. Болката е доминантното чувство кое предизвикува сочувство со ликот, силни емоции и хумор кој боде.
Во таа низа од трагедии и трагични ликови, љубовта е мотивот кој дава смисла или треба да ја даде. Речиси сите драми на Дуковски се мотивирани од љубовта, таа е една од доминантните теми. Сепак, тука нема да најдеме една романтичарска љубов, повеќе еден иронизиран, травестиран однос кон неа (од Балканот не е мртов, преку ММЕ, Буре барут итн. до Изгубени Германци...), сличен на оној кој ќе го сретнеме во драматуршките трендови на т.н. нова европска драма. Овој мотив на Дуковски му го потврдува приматот на еден од основачите на трендот кој покажува отпор на рамнодушноста на времето во кое живееме. Во сите драми, помалку или повеќе, приказните поврзани со главното дејство се мотивирани од љубовта. Таа љубов некогаш е хетеросексуална, некогаш хомосексуална, но секогаш е со амбиција да се претстави како вистинска. Тоа е љубов со која се „интензивира потребата од емоции и со нејзиното первертирање ќе се нагласи нејзината активност како двигателна сила на фабулата (...) секогаш повеќекратно толкувана и има различни манифестации врз кои се појавува. (...) Ако некаде постои прецизна вивисекција на љубовта меѓу двајца, тој прави травестија на таа вивисекција, а притоа од прво читање читателот/гледачот го заведува дека тоа е основната емоција и дека таа љубов сè уште ја има и постои околу нас“ (Стојановска). Но, не толку рамнодушноста на современоста колку заплетканоста со историјата и багажот што го носат ликовите, секоја примарна емоција се претвора во девијација, па се искажува како невозможност.
Носител е на наградите: Гран-при на 9. Интернационален фестивал „Скупи“, Скопје, за претставата „Дух кој оди“, во режија на Александар Поповски за 2015; Гран-при на Интернационалниот филмски фестивал во Хаифи, Израел, за филмот „Буре барут“, во режија на Горан Паскаљевиќ за 1999; Гран-при на Интернационалниот филмски фестивал во Анталија, Турција, за филмот „Буре барут“, во режија на Горан Паскаљевиќ за 1998; награда „Бронзена камера 300“ на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, Битола, за филмот „Буре барут“, во режија на Горан Паскаљевиќ за 1998; ФИПРЕСЦИ – интернационална награда на критиката за најдобар филм во сите категории на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција за филмот „Буре барут“, во режија на Горан Паскаљевиќ за 1998; Награда на Европската асоцијација на критичарите, Лондон, за филмот „Буре барут“, во режија на Горан Паскаљевиќ за 1998; Гран-при на Меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ за драмскиот текст „Маме му ебам кој прв почна“, Белград, за 1997; Гран-при на Интернационалниот театарски фестивал БИТЕФ ’97 во Белград, Југославија, за „Маме му ебам кој прв почна“; Награда за најдобар современ драмски текст на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за драмскиот текст „Буре барут“ за 1995; Награда за најдобар современ драмски текст на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за драмскиот текст „Балканот не е мртов“ за 1993; Награда за најдобар филм на Европска академија за филм (1998) за филмот „Буре барут“, во режија на Горан Паскаљевиќ. (Л.Г.Ј.)
[l1]хиперлинк