раскажувач, романсиер, преведувач, универзитетски професор. Неговата проза е непрекината потрага по вредностите кои го чинат човечкото во човекот, неговиот личен и национален идентитет. Иако во неговите дела често се сретнуваат историски настани и личности, книжевноста на Михајловски целосно е свртен кон сегашноста. Преплетувајќи ги факцијата и фикцијата, неантропоморфните и антропоморфните раскажувачи, сегашноста и минатото, гротескното и фантастичното, тој трага по корените на она што се случува во современоста, претставувајќи го новиот историзицам во Македонија на начин достоен за респект. Тој е еден од најчитаните автори од поновата генерација.
Дипломирал, магистрирал (
Книжевниот лик на Скендербеј кај Прличев и во делата на англиски јазик) и докторирал (
Очудување и можни преводни модели врз примери од англиската поезија) на Катедрата за англиски јазик и книжевност на
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 1976 година работи како професор на истиот факултет. Член е на
Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година, на ПЕН на Македонија од 1992 година, како и на Асоцијацијата на писателите за мир во Вашингтон, САД, од 1998 година. Бил уредник на повеќе книжевни списанија, а книгите му се преведувани на повеќе јазици. Драги Михајловски на македонски јазик има преведено 37 драми и 154 сонети од Шекспир,
Загубениот рај од
Џон Милтон, поезија од
Перси Бис Шели,
Џон Китс,
Вилијам Блејк,
Џон Дан,
Т. С. Елиот, епот
Беовулф и др.
Неговата прва збирка раскази Речно улиште (1981) ја добива наградата за најдобра дебитантска книга на Книжевната младина на Македонија. За разлика од романите, расказите на Михајловски речиси целосно се сместени во современоста. Тука се сретнуваат обичните луѓе, сите оние мали јунаци од македонското секојдневие, од соседството, како поштари, свртничари, ѕидари, мечкари, библиотекари, аптекари, студенти, молери, лектори, кои ги живеат своите животи сонувајќи и мечтаејќи, но пред сѐ копнеејќи за еден друг, поинаков, посреќен свет. Она што е заедничко за сите збирки раскази е атмосферата во која ликовите дејствуваат и во која се одвиваат настаните, од една страна, дефинирана од општествените и политички случувања во еден подолг период на постојана несигурност и постојана промена, на можноста кревкиот мир секој час да премина во војна (доминантна во романите) и од она што најшироко се именува како менталитет (расказите). Доминантни теми и мотиви се оние што го доловуваат „духот на народот“, виден во судирот центар – периферија, наше – туѓо, озаконето –маргинализирано (расказот „Ѓон“ од истоимената збирка). Во расказите на Михајловски можат да се забележат и биографски елементи, какви што се: реминисценциите од детството сопоставени на фикцијата („Сенка“, „Мрежа“ од Речно улиште), потоа интертекстуалното сопоставување на животот на авторот со животот на делото (на пр. Џон Милтон во расказот „Милтон“ од Триполска капија) или работната универзитетска средина како предтекст на расказот („Копиле“ и „Скок со стап“ од Скок со стап или „Антологичар“ од Триполска капија). Наративната постапка на Михајловски е препознатлива и соодветна на темите кои ги третира: незадоволството на индивидуата од неможноста да го реализира сопствениот автентичен идентитет или хипокризијата како зло коешто ја отуѓува единката од другите, но и од самата себеси.
Во најголемиот дел од романсиерската продукција на Михајловски (особено во романите
Пророкот од Дискантрија[L1] ,
Смртта на дијакот,
Мојот Скендербеј и
Бајазит и Оливера) историјата и историското имаат важна улога, но не толку од аспект на истражување на фактите кои своето значење го наоѓаат во настаните, туку повеќе од аспект на системите кои ги прават минатите настани значајни во современоста. Така, Михајловски во наративниот дискурс со историска предлошка го оспорува дуализмот на минатото во бинарната опозиција свој/туѓ и ги доближува некогаш перципираните непомирливи полови. Во
Пророкот од Дискантрија[L2] тоа се прави со помош на составување на две временски рамнини (XI и XX век), во
Смртта на дијакот со сопоставување на два антагонистички става, во
Мојот Скендербеј со оспорување на апсолутната различност на религиозниот (муслимански и христијански) идентитет, поаѓајќи од двојниот, православно-муслимански идентитет на историската фигура Ѓорѓија Кастриот, односно Ѓерѓ Кастриоти и турскиот псевдоним Скендербег, а во
Бајазит и Оливера со преиспитување на оксидентализмот и ориентализмот како востановена перцепција на имагинарната географија.
Бдеењето на Одисеј (2017) е структурирано како автобиографско кажување за детството, но и хроника на општеството и неговата идеологија. Одисеј, обично момче од соседството, е субверзија, т.е. се користи постапката на дехероизација, со цел да се даде признание на важноста и вредноста на сите луѓе. Во
Швајцарија на Балканите (2015) авторот често е преокупиран и со писателскиот занает и навлегува во сферата на метафикцијата, додека
Пагански времиња (2019) е роман за судирот на религиите, со богата фабулација напишана во стил на македонска народна приказна и раскажана од наратор интелектуалец.
Делата на Михајловски можат да се читаат и како историски и како современ текст, а неретко и како предвидување за иднината и има огромен семантички потенцијал.
Добитник е на наградите: Рациново признание за книгата раскази
Скок со стап (1981); „
Стале Попов“ за романот
Смртта на дијакот (2002); „Григор Прличев“ за препевот на епот
Загубениот рај од Милтон; Зимски саем на книгата за препевот на сите сонети од Шекспир (2006) и за препевот на
Сите драми и сонети од Шекспир (2013) и наградата
„11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста (2018). (Л. Г. Ј.)
[L1]Хиперлинк
Пророкот од Дискантрија
[L2]Хиперлинк Пророкот од Дискантрија